Конструкција или деконструкција, на што модата придава поголемо значење?

Во модната теорија и практика постои една тивка, но фундаментална дебата, дали суштината на модата лежи во конструкцијата, прецизната архитектура на кројот или во деконструкцијата, односно во рушењето на традиционалните правила на облеката? Ова прашање со децении го анализираат модните историчари, теоретичари и дизајнери, а одговорот се наоѓа токму во тензијата меѓу овие два принципи.

Модата, всушност, функционира како баланс меѓу занаетот и концептот, конструкцијата ја создава формата, додека деконструкцијата ја преиспитува.

Конструкцијата како архитектура на телото

Во класичната мода, конструкцијата претставува техничка дисциплина која ги дефинира пропорциите, силуетата и функционалноста на облеката. Во системите за кроење и шиење, од традиционалните париски ателјеа до модерните модни академии, конструкцијата се изучува како основа на секој дизајн.

Модните историчари често ја споредуваат со архитектура, бидејќи облеката, исто како и зградата, се потпира на структурни принципи како баланс на тежината на ткаенината, точна позиција на шевовите, моделирање на волуменот, однос меѓу телото и материјалот.

Еден од најголемите мајстори на оваа архитектонска мода е Кристобел Баленсијага. Неговите креации од средината на XX век се сметаат за врв на конструктивната прецизност. Баленсијага создава силуети кои ја трансформираат формата на телото, балон фустани, масивни палта палта и скулптурални линии, при што кројот функционира како структурна скулптура.

Слична техничка строгост демонстрира и Азедин Алаја, познат по својата способност да ја обликува силуетата преку исклучително прецизно кроење. Неговите фустани, често изработени од еластични материјали, ја следат анатомијата на телото со речиси математичка точност.

Деконструкцијата- револуција на модниот јазик

Кон крајот на XX век модата влегува во нова фаза, кога многу дизајнери почнуваат да ја доведуваат во прашање самата структура на облеката. Така се појавува деконструктивната мода, инспирирана од филозофијата на Жак Дерида.

Во овој пристап облеката повеќе не мора да изгледа „совршено завршена“. Наместо тоа, дизајнерите намерно ја откриваат нејзината конструкција или поставата се појавува на надворешната страна, шевовите стануваат декоративен елемент, кројот се распарчува и повторно се составува.

Еден од најрадикалните претставници на овој правец е Маржела, чии колекции од 1990-тите ја трансформираат модата во концептуална уметност. Неговите парчиња често изгледаат како да се во процес на создавање, со видливи конци, рециклирани материјали и распарчени структури.

Јапонската авангарда и новата естетика

Особено влијателна во деконструкцијата е јапонската модна школа, предводена од дизајнери како Реи Кавакубо и Јоши Јамамото.

Кога нивните колекции се појавуваа на париските модни писти во 1980-тите, тие го менуваа начинот на кој се гледа на облеката. Наместо традиционална силуета, тие создаваат асиметрични форми, слоевити структури, намерна несовршеност.

Оваа естетика ја доведува во прашање западната идеја за „совршена форма“ и ја претвора модата во интелектуален експеримент.

Конструкцијата и деконструкцијата како единствен систем

Иако на прв поглед изгледаат како спротивности, овие два принципи се меѓусебно зависни. Деконструкцијата може да постои само ако постои конструкција која може да се „распарчи“.

Дизајнери како Иси Мијаки ја демонстрираат токму оваа синтеза. Неговите колекции комбинираат технолошка конструкција и експериментална форма, создавајќи облека која е истовремено структурна и флуидна.

Во современата мода оваа комбинација е доминантна. Класичната конструкција обезбедува стабилност и функционалност, додека деконструкцијата ја носи идејата, концептот и уметничката слобода.

Модата денес не избира меѓу конструкцијата и деконструкцијата. Наместо тоа, таа функционира токму во нивниот дијалог.

Конструкцијата ја создава архитектурата на облеката, техничката прецизност, пропорциите и силуетата.
Деконструкцијата ја отвора можноста за нови форми, нови значења и нови естетики.

Токму во оваа динамика се раѓаат највлијателните модни идеи, од скулптуралните силуети на Баленсијага до концептуалните експерименти на Маржела.

Модата, на крајот, е дисциплина која истовремено е занает, архитектура и интелектуална провокација, поле каде што конструкцијата и деконструкцијата не се противници, туку креативни сојузници.

Небојша Толески