Измешани емоции, насмевки, солзи и силни ракоплескања, вака изгледаше скопската премиера на претставата „Земја на штркови“ во која костимите се креација и поддршка од ЕЛЕНА ЛУКА. Костимографијата која успеа да остави силен печат на сцената и да им помогне на актерите да ја испратат саканата порака беше уникатна и хармонична синтеза на класичен стил, модерен дизајн и авангардна естетика.
„Костимографијата ја истакнува елеганцијата преку минималистички линии, сензуални материјали и впечатливи додатоци, создавајќи баланс помеѓу практичноста и артистичката изразеност.Транспарентните и мрежести елементи додаваат динамика и префинета драматичност, додека тесните силуети го нагласуваат телото и естетиката на модерниот моден израз. Костимите се инспирирани од различни модни епохи, комбинирајќи ретро детали, како вертикални ленти и широки шешири, со современи материјали и кроеви. Оваа костимографија ја доловува индивидуалноста на секој лик, овозможувајќи изразување преку уникатни слоеви, силни линии и смели комбинации. Од вечерни елегантни изданија до модерни и лежерни визии, секое парче носи приказна за креативност, стил и префинетост, како и особености на ликот од претставата.“- велат од тимот на ЕЛЕНА ЛУКА кој работеше на претставата.
Режисерот и сценограф на претставата Роберт Ристов, за Fashionel истакна дека целта на претставата е да се испрати крик дека иселувањето од земјата кое ни се случува не е добро и дека веднаш треба да се реагира затоа што државата се празни.
„Нашата порака е еден вид на крик на самиот тим дека ова што ни се случува овдека не е добро. Младите се иселуваат, не само младите туку и успешни луѓе и успешни бизнисмени, бегаат од овој систем и од она што ни се случува во Македонија. Ова е крик да се променат работите и дека сега и овде и веднаш треба да се реагира затоа што државата ни се испразни, ова е начинот на кој може да реагираме и да направиме нешто во однос на ова прашање.“- истакна Роберт.
Ристов истакна дека претставата ја финансиираат сами, сo помош на поддржувачи како ЕЛЕНА ЛУКА и дека се исклучително благодарни што еден реномиран бренд стои зад нив.
„ЕЛЕНА ЛУКА влезе како спонзор, не е ова прв пат таа да влезе како спонзор на „Театар провокација“, „Прво ќе ме земеш после ќе ме е“, е претстава која исто така е спонзорирана од неа и „Ожени ме“ исто така е проект во кој се вклучи овој бренд, ова е трета соработка и многу ни е драго што ја негуваме. За нас ЕЛЕНА ЛУКА е бренд, којшто не само што знае да ја прати модата туку и театарските трендови. Тимот кој го има таа се луѓе кои знаат театар, работеле театар, отворени се за сугестии и заеднички доаѓаме до некои решенија.“- вели Ристов.
Презадоволни од тоа како скопската публика ја доживеа оваа претстава, но и од тоа како костимографијата се вклопи во истата беа и актерите Мирјана П. Ристов, Изабела Јакимова и Радо Алексовски.
„Од самиот аплауз и од она како течеше претставата мислам дека скопската публика ја прими фантастично, со сите емоции, со сета отворена душа како што оваа претстава заслужува. Сметам дека ја испративме порака која сакавме и сега колкумина ќе размислат и колкумина би останале во државата или би си го гледале излезот надвор од неа, тоа останува секој за себе да си пресуди. Што се однесува до костимографијата се чувствував како дама, сите креации на ЕЛЕНА ЛУКА ги обожавам, мислам дека она што ги прави посебни е тоа што кога ќе ја видат фигурата на актерот, на моделот знаат точно што им стои за да го извлечат тоа што треба, за актерот да се чувствува најпријатно, јас се чувствувам најпријатно во тие костими.- изјави за Fashionel Мирјана П. Ристов.
„Кога ќе заврши претставата се чувствувате емотивно испразнето што е супер, што значи дека добро поминала претставата. Јас сум на две страни, дали треба да си заминам или не и секоја изведба ми го отвора тоа прашање. Мене ми беше одлично што костумот ми беше многу удобен, ако не ми е удобен костимот ми е непријатно да се движам и да носам емоција на сцена, ЕЛЕНА ЛУКА веќе втор пат ми прави костим за претстава и секогаш ги прави баш по мерка баш за мене.“-нагласи актерката Изабела Јакимова.
„Можам да кажам дека лично многу ме допира оваа претстава, уште на читачката проба реков ова е ликот кој сакам да го работам, и тематиката е доста актуелна, пратев во публиката имаше марамчиња и солзи, така што нема кој не би го допрела, сите имаме некој од семејството што не е тука и сите не боли тоа. Што се однесува до костимите тие се од огромно значење за сите театарски претстави, една обична кошула може во вас да пробуди поинакво чувство на сцена. Костимите се уникатни од оваа претстава, секој од колегите е дотеран точно во контекст на ликот. Во името на целиот тим огромна благодарност до ЕЛЕНА ЛУКА. Немам зборови затоа што ја цените уметноста и максимално пратите сѐ што се случува.“ – рече актерот Радо Алексовски.
Претставата „Земја на штркови“ која предупредува и отворено говори за причините и последиците од енормниот број иселувања на младите луѓе од татковината во изведба на „Театар Провокација“ се реализира по повод 6 години од оформувањето на театарот.
Дејствието на претставата се одвива во Охрид и ги следи животните разидувања на два пара во однос на иселувањето од Македонија. Едниот – разделен пред 20-тина години, а другиот – го живее моментот на разидување од истите причини. Претставата е работена по мотиви од текстот „Топлината во ноември“ .
Бојана Стевческа