Купила куќа што во Италија се продава за само едно евро – дури потоа сфатила во што е вистинската замка

Американка во Самбука ја претворила руината од куќа во дом од соништата, но наместо 1 евро, ја чинело 446 илјади долари

Американката Мередит Табоне купила куќа со четири спални соби во Италија за симболична цена од едно евро, но кога пристигнала на имотот, сфатила дека зад евтината понуда се крие огромен предизвик.

Последните години, бројни италијански градови започнаа програма за продажба на напуштени куќи за симболична цена од едно евро, со цел да привлечат нови жители, инвестиции и да ги оживеат местата кои се соочуваат со иселување.

Програмата им овозможува на малите и економски послаби населби да ги понудат старите и неискористени недвижности на купувачи од целиот свет, кои се подготвени да вложат во нивната реконструкција. Едно од местата што се вклучи во оваа иницијатива е Самбука ди Сицилија, село на Сицилија кое често се нарекува едно од најубавите во Италија.

Меѓу оние кои сакале да го искусат „слаткиот италијански живот“ била и Американката Мередит Табоне од Чикаго.

За неа купувањето на куќата имало и посебна емотивна вредност. Токму од ова село нејзиниот прадедо заминал во Соединетите Американски Држави во 1902 година.

Мередит на крајот ја купила куќата со четири спални соби за само едно евро, но вистинската цена на нејзиниот италијански сон била многу поголема.

Првично планирала за реновирање да потроши околу 40 илјади долари, но проектот на крајот достигнал неверојатни 446 илјади долари.

„Состојбата на имотот кога првпат го купив беше, благо кажано, катастрофална. Немаше струја. Немаше вода. Секоја просторија имаше различно ниво на подот. Имаше азбест. А на подот веројатно имаше околу 60 сантиметри измет од гулаби“, раскажала таа.

Еден од најголемите предизвици бил израмнувањето на сите подови. Куќата има две нивоа и 18 простории, а речиси секоја просторија била на различна висина.

„Воведовме струја и вода, додадовме многу повеќе прозорци за просторот да биде посветол и создадовме поголема поврзаност меѓу просториите, така што куќата повеќе наликува на американски дом“, изјавила Мередит за CNBC Make It.

Целосната реконструкција траела околу три и пол години. Таа објаснила дека не морала веднаш да ги потроши сите средства, бидејќи трошоците пристигнувале постепено во текот на обновата.

Денес, куќата изгледа сосема поинаку. Од стара, напуштена градба станала модерен дом со нова кујна, обновени простории и тераса со поглед кон сицилијанскиот пејзаж.

Сепак, Мередит сè уште има планови, сака да уреди гардероба и вински подрум, но смета дека нејзиниот дом „технички“ е завршен.

И покрај огромната инвестиција, таа вели дека го пронашла местото каде што припаѓа и дека никогаш нема да ја продаде куќата.

„Сакам овде да поминувам четири месеци годишно. Сакам повеќе време да бидам далеку од работата, да ја остварам целта да ја посетам секоја земја во светот и повеќе да се посветам на приватниот живот. Никогаш нема да ја продадам оваа куќа. Добив многу понуди. Имам братучетка и веќе ѝ кажав дека куќата ќе ѝ припадне ако починам пред неа. Потоа ќе биде подарена на селото“, раскажала таа.

За Мередит, најголемата вредност не е само во обновената куќа, туку во заедницата што ја пронашла.

„Мислам дека овде постои силно чувство на заедништво и дека луѓето се многу среќни. Ако сакате дружење и сакате да бидете дел од заедница, ова е вистинското место за вас“, заклучила таа.