Легендарната манекенка Ева Херцигова, се омажи за Џорџо Марсај по 25 години љубов

По четврт век заеднички живот и три деца, една од најголемите супермодели на 90-тите, Ева Херцигова, конечно му кажа „да“ на својот долгогодишен партнер, италијанскиот бизнисмен Џорџо Марсај. Свадбата се одржа на 11 јули во Торино, Италија, во интимна атмосфера исполнета со семејство и најблиски пријатели.

Интимна свадба во три дела

Црковната церемонија се одржа во црквата „Сан Вито“, украсена со омилените цвеќиња на невестата – бели и праскасти рози. Ева до олтарот ја придружуваше нејзиниот татко.

За најважниот ден избра романтичен бохо-фустан до под колена од француската модна куќа Ланвен, кој го комбинираше со сандали украсени со нежни машнички. Косата ѝ беше собрана во елегантна пунџа, а во рацете носеше класичен букет од бели цвеќиња.

Младоженецот пристигнал непосредно пред церемонијата со Aston Martin V8, во друштво на нивните тројца синови Џорџ (18), Филип (15), Едвард (12).

Интересен детал е што веднаш по излегувањето од црквата младенците ги пречекал дожд, што многумина го сметаат за симбол на среќа и благослов.

По верскиот обред, двојката се упатила кон историскиот Палацо Карињано, каде што ја одржале и граѓанската церемонија, а свадбената прослава завршила со шампањ и свечена вечера во легендарниот ресторан Del Cambio во срцето на Торино.

Само 50 гости

Свадбата била намерно мала и приватна, со околу педесет гости.

Меѓу присутните биле некои од најпознатите лица од модната индустрија, како супермоделите Марпеса Хенинк и Кармен Кас, манекенката Маријакарла Босконо, модниот агент Дејвид Браун, телевизиската водителка Џил Купер, како и новинарката и писателка Франческа Бара.

Љубовна приказна долга 25 години

Веста дека Ева и Џорџо конечно ќе се венчаат првпат се појави во мај годинава, кога нивната намера стана јавна преку известување објавено од градските власти во Торино.

Нивната љубовна приказна започнала во 2001 година во италијанското крајбрежно место Вариготи. Тогаш Херцигова останала таму поради прекините во авионскиот сообраќај по терористичките напади од 11 септември. Токму тогаш го запознала Марсај, а нивната врска трае до денес.

Во текот на годините парот поминал и низ тешки моменти. Во 2011 година папараците го фотографираа Марсај со друга жена во Прага, што предизвика гласини за неверство. Подоцна Ева призна дека решила да остане со него „поради децата“, бидејќи семејството отсекогаш било нејзин најголем приоритет. Денес, по сите предизвици, тие конечно ја крунисаа својата љубов со брак.

Кој е Џорџо Марсај?

Џорџо Марсај (49) е италијански бизнисмен од едно од најпознатите семејства во Торино. Тој е син на Џорџо Марсај, сопственик на компанијата Sabelt и поранешен претседател на Индустриското здружение на Торино.

Иако ретко се појавува во јавноста, со години е редовен придружник на Ева на најважните модни настани ширум светот.

Икона која не престанува да инспирира

Денес, на 53 години, Ева Херцигова и понатаму важи за една од највлијателните супермодели на сите времиња. Светска слава стекна како заштитно лице на легендарната кампања Wonderbra „Hello Boys“, која стана една од најпрепознатливите модни реклами на 1990-тите.

Во текот на својата кариера работеше со најголемите модни куќи, фотографи и дизајнери, а повеќе од три децении по нејзиниот пробив, останува симбол на безвременска убавина, елеганција и стил.