Луксуз без квалитет – дали Македонците ја препознаваат добрата изработка или само цената?

Треба на сите да ни биде јасно дека во модата постои едно непишано правило, цената може да се види на етикетата, но квалитетот се препознава само со знаење. Па, дали македонските купувачи навистина знаат што плаќаат?

Во последната деценија, домашниот пазар се преплави со парчиња што изгледаат „луксузно“, но најчесто се произведени масовно, од евтини материјали и со индустриско кроење.

Истовремено, кога некој домашен бренд ќе понуди рачно изработена креација, прецизно кроена и изведена со часови работа, првата реакција често е: „Зошто е толку скапо?“

Е токму тука започнува најголемата заблуда.

Луксузот никогаш не бил само прашање на цената

Според истражувањата на водечките модни институции и аналитичари, меѓу кои Business of Fashion, McKinsey – State of Fashion, како и експертите од Institut Français de la Mode, со години предупредуваат дека вистинскиот луксуз никогаш не се мери преку логото или ценовникот. Неговата вредност се крие во нешто што просечниот купувач ретко го гледа – конструкцијата.

Тоа е начинот на кој е поставена поставата, прецизноста на шевовите, балансот на рамениците, кројот што го следи телото, материјалите што стареат достоинствено наместо да се деформираат по неколку носења.

Всушност, токму тие „невидливи“ детали претставуваат најголем дел од цената на едно квалитетно парче.

Македонски контекст

Кај нас често се случува интересен (би го нарекле) феномен.

Купувачот без двоумење ќе плати висока сума за производ од странски бренд, дури и кога голем дел од неговата цена е маркетинг, глобална препознатливост и логистика.

Но кога домашен дизајнер ќе понуди исто ниво на изработка, реакцијата е сосема поинаква. „Скапо е.“ Ама ретко кој ќе праша олку часови се работело, колку луѓе биле вклучени, дали е кроено специјално, каков материјал е употребен, колку примероци постојат?

Така, наместо квалитетот, најчесто се споредува само бројката на цената.

Брзата мода нè научи на погрешни стандарди

Психолозите кои го проучуваат однесувањето на потрошувачите одамна укажуваат дека масовната мода создаде искривена перцепција за вредноста.

Кога секоја недела можат да се купат нови парчиња по исклучително ниски цени, многумина почнуваат да веруваат дека и сложеното дизајнерско парче треба да чини речиси исто.

Но зад квалитетната креација не стои фабричка лента.

Стојат скици, проби, моделирање, корекции, рачна доработка, внимателно кроење, избор на ткаенини и часови работа на искусни мајстори, рачно везење…

Тоа не може да има иста цена како индустриски произведено парче направено во десетици илјади примероци.

Зошто добрата изработка чини?

Еден искусен кројач знае дека совршеното сако не се добива со добра машина, туку со години искуство.

Совршениот пад на ткаенината, рамнотежата на силуетата, прецизното обликување на половината или рамениците не се случајност.

Тоа е занает.

Во Франција, Италија и Велика Британија токму изработката се смета за најголема вредност на модната куќа. Затоа брендовите како Шанел, Валентино, Армани никогаш не ја продаваат само креацијата, тие го продаваат знаењето акумулирано низ децении.

ELENA LUKA – кога изработката станува најголем потпис

Во македонски рамки, токму ELENA LUKA е еден од најдобрите примери дека врвната мода не започнува со спектакуларниот изглед, туку со она што не се гледа на прв поглед.

Зад секоја couture креација стојат часови прецизно моделирање, конструкција и рачна доработка. Секој шев има своја функција, секој крој е внимателно пресметан, а секоја силуета е создадена за да изгледа природно и беспрекорно на телото.

Не станува збор само за естетика.

Станува збор за архитектура на облеката.

Истата филозофија се пренесува и во ready-to-wear линиите на брендот, каде чистите линии, квалитетните природни материјали и прецизното кроење остануваат препознатлив потпис.

Тоа е процес што бара време, знаење и високо обучени луѓе, нешто што не може да се произведе брзо, ниту евтино.

Време е да научиме да гледаме подлабоко

Можеби најголемиот проблем не е што квалитетната мода е скапа.

Проблемот е што не сме научени да ја препознаеме. Не зборуваме само за пари!

Во земји со развиена модна култура, купувачите ги допираат ткаенините, ги проверуваат шевовите, ја гледаат поставата, конструкцијата и начинот на кој парчето „живее“ на телото.

Кај нас, вниманието најчесто останува на цената.

А токму цената е најмалку интересниот дел од една добра креација.

Луксузот е знаењето

Вистинската вредност на модата никогаш не се мери со бројот на следбеници, ниту со големината на логото.

Таа се мери со часовите работа што никој не ги гледа, со мајсторството што останува скриено зад секој совршено изведен шав и со креацијата што ќе изгледа подеднакво беспрекорно и по десет години.

Кога ќе почнеме да го цениме токму тоа, тогаш ќе престанеме да прашуваме зошто една врвно изработена креација чини повеќе.

Затоа што во неа не плаќаме само материјал.

Плаќаме визија, занает, искуство, прецизност и време – вредности што отсекогаш биле вистинската дефиниција за луксуз.

Небојша Толески