Македонка меѓу најголемите светски умови: Љупка Вртева меѓу 12-те највлијателни инженерки во светот

Македонија можеби е мала по територија, но од неа постојано произлегуваат извонредни умови кои оставаат трага во светската наука, технологија и иновации. Од лаборатории и универзитети до најголемите индустриски компании, македонски експерти секојдневно докажуваат дека знаењето нема граници. Една од нив е и Љупка Вртева, машинска инженерка од Струмица, која денес е едно од најценетите имиња во областа на енергетското инженерство во Словенија.

Нејзиниот најнов успех претставува признание од светски размери. Вртева е избрана меѓу 12-те инженерки во светот во рамките на престижниот избор „Women Engineers You Should Know – 2026“, што секоја година го организира Society of Women Engineers (SWE) – најголемата и највлијателна светска организација посветена на поддршката и развојот на жените во инженерството.

Овој избор не ги наградува само врвните технички достигнувања. Во фокусот се инженери кои со својата работа влијаат врз општеството, придонесуваат за развојот на струката и претставуваат инспирација за новите генерации. Годинава, меѓу само дванаесет избрани жени од целиот свет, се најде и македонското име.

Инженерство што го подобрува животот

Вртева живее и работи во Љубљана како развоен инженер, а нејзината специјалност се енергетски системи за греење, ладење и вентилација, енергетска ефикасност и интеграција на обновливи извори на енергија.

Она што особено ја издвојува е нејзиниот пристап, инженерството за неа не е само пресметка и технологија, туку начин преку кој секојдневниот живот на луѓето може да стане поквалитетен, поудобен и поодржлив.

Според образложението на SWE, токму способноста да ја поврзе техничката извонредност со човечките потреби, општествената одговорност и долгорочната одржливост е една од главните причини поради кои се најде меѓу светската инженерска елита.

Резултати што се мерат

Зад признанието стојат и импресивни резултати.

Како развоен инженер, Вртева учествувала во оптимизација на енергетските системи во 73 јавни објекти во Словенија, со што е постигната годишна заштеда од околу 10 гигават-часови енергија, а емисиите на јаглерод диоксид се намалени за речиси 4.000 тони годишно. Истовремено, била дел од тимот што развил современи системи за механичка вентилација во училиштата, со цел да се подобри квалитетот на воздухот и условите во кои учат децата.

Од Струмица до светската инженерска мапа

Ова не е прво големо признание за македонската инженерка.

Во 2023 година таа беше прогласена за „Инженерка на годината“ во Словенија, признание што го добиваат личности кои, покрај професионалните успеси, имаат и значајно влијание врз промоцијата на инженерството меѓу младите. Оттогаш активно учествува во јавни предавања, образовни иницијативи и медиумски проекти со кои ги мотивира младите, особено девојките, да изберат кариера во STEM-областите.

Нејзината приказна започнува во Струмица, а академскиот пат го продолжува на Машинскиот факултет при Универзитетот во Љубљана, каде дипломира и магистрира, а подоцна ја завршува и престижната меѓународна програма EUREM Energy Manager на Институтот „Јожеф Штефан“. Денес е дел од енергетската компанија „Петрол“, каде работи на развој на нови генерации енергетски решенија.

Амбасадор на инженерството

Иако признанијата се големи, Вртева постојано нагласува дека инженерството е тимска професија во која секој успех е резултат на заедничка работа, знаење и соработка.

Нејзината професионална мисија останува непроменета, да создава решенија што ќе бидат технички супериорни, но истовремено едноставни, функционални и корисни за луѓето. Подеднакво важен дел од таа мисија е и едукацијата на јавноста за енергетската ефикасност и одговорното користење на енергијата, тема што, според неа, ќе биде една од клучните за иднината.

Со изборот меѓу 12-те инженерки што светот треба да ги познава во 2026 година, Љупка Вртева не само што го потврди својот меѓународен углед, туку уште еднаш покажа дека македонското знаење може рамноправно да стои покрај најголемите светски инженерски имиња.

Н.Т