Македонија е мала земја, но нејзината историја постојано покажува дека големината на една нација не се мери со бројот на жители, туку со луѓето што оставаат неизбришлива трага во светот. Од уметноста и спортот, до дипломатијата, медицината и врвната наука, македонските имиња со децении се дел од најзначајните светски институции. Но, кога станува збор за современата медицина и откритијата што директно го променија животот на стотици милиони луѓе, едно име денес суверено стои на самиот врв – професорката Светлана Мојсов.
Научничка чија работа не остана затворена меѓу страниците на научните списанија, туку се претвори во револуција што ја промени современата медицина. Нејзиното откритие денес е основа на едни од најважните лекови против дијабетес и дебелина, а нејзиниот научен придонес се смета за едно од најзначајните медицински достигнувања на 21 век.
Светлана Мојсов е биохемичарка од македонско потекло и вонреден професор-истражувач на престижниот Универзитет „Рокфелер“ во Њујорк. Целиот свој научен живот го посветила на истражувањето на синтезата на пептиди, област што денес се наоѓа во срцето на современата фармакологија и биомедицина.
Нејзиниот најголем научен подвиг е откривањето и објаснувањето на функцијата на глукагон-сличниот пептид 1 (GLP-1), хормон што има клучна улога во регулирањето на нивото на шеќер во крвта и стимулирањето на лачењето инсулин. Токму ова фундаментално откритие подоцна стана научната основа врз која фармацевтската компанија „Ново Нордиск“ ги разви револуционерните лекови Ozempic за третман на дијабетес и Wegovy за лекување на дебелината – терапии што денес ги користат милиони пациенти ширум светот.
Научната јавност одамна знае дека без истражувањата на Светлана Мојсов, современата генерација на GLP-1 терапии најверојатно немаше да постои во денешната форма. Нејзиното откритие не претставува само лабораториски успех, туку научен темел врз кој се изгради цела нова ера во третманот на метаболичките заболувања.
Дека светот конечно ѝ го оддаде заслуженото признание потврдија и најреномираните институции. Во 2023 година, списанието Nature ја вброи меѓу десетте највлијателни научници на планетата, додека магазинот Time во 2024 година ја вклучи на листата на стоте највлијателни луѓе во светот, во категоријата иноватори – признание што го добиваат личности чии откритија имаат глобално влијание врз човештвото.
Истата година, професорката Мојсов ја доби и престижната награда „Принцеза на Астуриас“ за научно и техничко истражување, која ја доделува Шпанската кралска фондација. Ова признание, кое честопати се споредува со Нобеловата награда по својот углед и значење, ѝ беше врачено заедно со уште четворица врвни научници чија работа овозможи развој на нови генерации ефикасни терапии за дијабетес и дебелина, со што драматично се подобри квалитетот на живот на стотици милиони луѓе низ светот.
View this post on Instagram
Наградата „Принцеза на Астуриас“ се доделува од 1981 година и претставува едно од највисоките меѓународни признанија во науката, културата, уметноста и општествениот развој. Нејзини покровители се членовите на шпанското кралско семејство, а денес ја носи името на престолонаследничката, принцезата Леонор.
Но, патот до светските научни височини започнал многу порано.
Светлана Мојсов е ќерка на Лазар Мојсов, истакнат дипломат и државник, кој од 1977 до 1978 година беше претседавач со Генералното собрание на Обединетите нации. Студиите по физичка хемија ги завршила на Природно-математичкиот факултет во Белград, а во 1972 година заминала на постдипломски студии на Универзитетот „Рокфелер“ во Њујорк, каде што работела под менторство на Роберт Брус Мерифилд, добитник на Нобеловата награда за хемија во 1984 година за развојот на современата синтеза на пептиди.
Во тие години започнала нејзината фасцинација со глукагонот – хормон што се создава во панкреасот и за кој тогашните научници претпоставувале дека би можел да има важна улога во лекувањето на дијабетесот.
Во текот на осумдесеттите години Мојсов преминала во Општата болница во Масачусетс, каде што станала раководител на Одделот за синтеза на пептиди. Таму, во соработка со научниците Џоел Хабенер и Гордон Вир, успеала да го идентификува GLP-1 како вистински инкретин – хормон што го стимулира ослободувањето на инсулин.
Со развојот на сопствени лабораториски методи и синтетички пептиди, Мојсов експериментално докажала дека токму сегментот од 31 аминокиселина во GLP-1 е биолошки активниот дел што го активира лачењето на инсулин. Тоа откритие засекогаш го смени разбирањето на метаболизмот на глукозата.
Во деведесеттите години се вратила на Универзитетот „Рокфелер“, каде што работела во лабораторијата на Ралф Стајнман, идниот добитник на Нобеловата награда за медицина. Во меѓувреме, клиничките испитувања на GLP-1 кај луѓе покажале исклучителни резултати, а фармацевтската индустрија започнала развој на лекови што го имитираат неговото дејство.
Така се родија Ozempic и Wegovy – препарати што денес се меѓу најреволуционерните терапии во современата медицина.
Но, зад тој огромен научен успех стои и една приказна за борба за признание.
Иако нејзините синтетизирани деривати на GLP-1 биле патентирани како основа за ослободување на инсулин, во првите патентни пријави како автор бил наведен само Џоел Хабенер. Мојсов со години се борела нејзиниот придонес да биде официјално признаен. По долга постапка, Општата болница во Масачусетс го додала нејзиното име на четири клучни патенти, но признанието што ѝ следувало долго време останало во сенка, додека нејзините колеги добивале бројни награди и меѓународни почести.
На крајот, науката сама ја исправи неправдата.
Денес Светлана Мојсов е признаена како една од клучните личности зад откритијата што доведоа до развојот на најуспешните GLP-1 терапии во историјата на медицината.
Нејзината работа не донесе само нови лекови. Таа донесе надеж за милиони луѓе кои живеат со дијабетес, дебелина и бројни метаболички заболувања.
Минатата година, признанието пристигна и од нејзината татковина. Во Македонија, Светлана Мојсов ја прими Светската награда за хуманизам, која традиционално се доделува во чест на Свети Климент Охридски. Со ова признание, државата ѝ оддаде почит не само за нејзините врвни научни достигнувања, туку и за нивното огромно хумано значење.
Денес Светлана Мојсов со право се вбројува меѓу најголемите научни умови на современиот свет. Нејзиното име се наоѓа рамо до рамо со добитници на Нобелова награда, а нејзините откритија продолжуваат секојдневно да спасуваат и подобруваат човечки животи. За Македонија, таа не е само повод за гордост. Таа е доказ дека и од мала земја може да произлезе наука што ќе го промени светот.
Н.Т