Не е секогаш големината на просторот причината поради која домот изгледа тесно.
Понекогаш погрешниот избор на мебел, бои или декорации може визуелно да ја „намали“ и просторијата која всушност има доволно квадратни метри.
Премногу мебел во една просторија
Голема аголна гарнитура, масивна клуб-маса, фотелји и повеќе помошни масички можат да го пополнат секој слободен агол. Наместо да го искористите секој сантиметар, оставете малку „воздух“ околу мебелот.
Преголем/погрешно поставен тепих
Ова исто така може да создаде чувство на тесен простор. Во мала дневна соба, подобро е тепихот да биде правилно пропорционален со мебелот, наместо да го покрива речиси целиот под и дополнително да ја нагласи ограничената површина.
Темни бои на сите ѕидови
Темните бои можат да создадат драматичен и убав ефект, но во мал простор понекогаш прават просторијата да изгледа помала. Светлите неутрални нијанси, како крем, беж, светлосива и топла бела, полесно ја рефлектираат светлината и создаваат чувство на простор.
Премногу ситни украси
Десетина вазни, рамки, свеќници и украсни предмети на една комода или полица го привлекуваат вниманието на премногу различни точки. Наместо тоа, изберете неколку поголеми и внимателно одбрани детали.
Завеси поставени само до прозорецот
Ако дозволува просторот, поставете ја корнизата малку повисоко и пошироко од самиот прозорец, а завесите нека паѓаат речиси до подот. Така прозорецот изгледа поголем, а таванот визуелно повисок.
Недостаток на огледала
Добро поставено големо огледало може да ја рефлектира природната светлина и да создаде впечаток дека просторијата продолжува подалеку од нејзините реални граници. Особено добро функционира поставено спроти прозорец или во близина на извор на светлина.
Мебелот директно пред преминот
Вака поставен мебел може да направи и средно голема просторија да изгледа непрактично и тесно. Оставете јасни патеки за движење и не го блокирајте погледот кон прозорците или вратите. Колку полесно се движи погледот низ просторијата, толку таа обично делува попространо.