
Додека модните ентузијасти го очекуваа најновото од високата мода на актериката Маргот Роби, една појава предизвика неочекувано голем медиумски „бум“. На ревијата на Шанел на Paris Fashion Week, Роби се појави во комбинација која би можела да се најде во гардеробата на секој човек, фармерки и едноставен бел топ, но тоа решение веднаш беше забележано и широко коментирано од модните медиуми.
На прв поглед, аутфитот на Роби не одговара на очекуваните фешн стандарди на ревиите во Гран Пале, каде што најчесто доминираат експериментални и луксузни креации. Наместо тоа, актерката комбинираше лежерен, минималистички ансамбл со елементи што носат дух на секојдневна естетика, но сепак со суптилен разигран фешн момент.
Според снимките од ревијата, Маргот носеше фармерки што со дизајнот ги имитираа класичните деним панталони, но изработени од полупроѕирен, тантелски материјал, што ја надградува едноставноста на моделот во нешто помодерно и сложено. Горниот дел беше проѕирен бел топ, стилски минималистички, што ја остави комбинацијата да „дише“ наспроти остатокот од традиционалните модни решенија на настанот. Аутфитот беше надополнет со иконската чанта „Chanel 25“ и двобојни стилски потпетици, што внесуваат дискретен елемент на луксуз.

Но, не само нејзиниот аутфит привлече внимание и новата фризура на Роби стана дел од разговорот во светските модни кругови. Таа го „пресече“ својот препознатлив долг стил на коса и се појави со модерен „лоб“ (long bob) со лесни прамени и франкси шишки, што дополнително ја трансформираше целовитата визија на нејзиниот изглед.
Модните критичари и коментатори забележаа дека токму ова претставува премин од сложениот историски стил што ја бележеше нејзината тековна промоција на филмот „Оркански висови“ до современа, ноншалантна фешн поента што ја прави модната недела не само за мода туку и за личен стил како форма на изразување.
Реакциите на социјалните мрежи беа поделени, додека некои го пофалија изборот како освежувачки и реален пример за „casual chic“, други навидум го споредија со „стандардна секојдневна комбинација“ што не би се очекувало од една мегазвезда на моден настан од овој ранг.
Сепак, светските модни медиуми истакнуваат дека токму едноставноста на аутфитот кога е добро дизајниран и добро поставен во контекст, може да биде најјасен моден став. Наместо да се потпира само на сложени детали, овој стилски потег на Роби ја ослободува „едноставноста“ од стереотипот на основен избор и ја претвора во модна порака за самодоверба, контекстуалност и пристапност.
Н.Т