МОЖНО Е! Од гарсоњера од 20 квадрати до трипати поголем простор

Животот во големите градови и малите станови доби ново, иновативно решение. Истражувачи од Технолошкиот институт во Масачусетс (MIT) го претставија „City Home“ – мултифункционален уред со големина на плакар, наменет за максимално искористување на ограничен станбен простор.

Овој футуристички систем во себе крие кревет, работно биро и трпезариска маса со капацитет за шест лица. Мебелот се отвора и трансформира со помош на напредни механизми кои се активираат преку движење на раката, гласовни команди или допир, без потреба од физички напор.

Покрај основните елементи, „City Home“ вклучува и мал кујнски пулт, плакар за складирање, како и модерен систем за осветлување што дополнително го нагласува неговиот футуристички дизајн. Особено интересна е можноста целиот модул да се помести приближно еден метар налево, со што се добива дополнителен простор, на пример за проширување на бањата.

Иако се очекува ваквиот револуционерен изум да има висока цена, експертите сметаат дека концептот нуди практични и корисни идеи кои би можеле да се применат и во попристапни решенија за уредување на мали станови. „City Home“ уште еднаш покажува дека иднината на урбаното живеење лежи во паметниот дизајн и флексибилните простори.

Н.Т