Боб Меки, легендарниот американски костимограф и дизајнер, остави зад себе огромно наследство...
Неговите креации беа препознатливи по светките, пердувите, смелите силуети и театралниот гламур.
Во текот на кариерата тој работеше со многу познати имиња како Шер, Керол Барнет, Тина Тарнер, Дајана Рос, Барбра Стрејсенд, Елтон Џон и многу други ѕвезди. Во негова чест денес ви ги носиме најпознатите дизајни што засекогаш ќе останат запаметени.
Меки почина на 14 септември 2026 година, на 87-годишна возраст, во Палм Спрингс, Калифорнија.
1. Фустанот на Мерилин Монро
Во почетокот на кариерата, додека работел за дизајнерот Жан Луј, Меки добил задача да работи на фустан за Мерилин Монро. Во тоа време не знаел кој точно ќе го носи. Токму Меки ја направил скицата за познатиот фустан што Монро го носеше во 1962 година, кога му ја отпеа „Happy Birthday“ на претседателот Кенеди.
2. „Голиот“ фустан на Шер од Мет Гала (1974)
Шер во 1974 година се појавила на Мет Гала во еден од најсмелите фустани на своето време, проѕирен модел со пердуви. Фустанот го создаде токму Меки, а години подоцна тој откри дека токму Шер го избрала смелиот изглед.
3. Фустанот од завеси на Керол Барнет
За легендарната пародија „Went With the Wind!“ во „The Carol Burnett Show“ во 1976 година, Меки создаде костим кој изгледаше како да е направен од завеси. Керол Барнет како Скарлет О’Хара носеше фустан со месингова шипка за завеси, а дури и шеширот бил направен од украсниот дел на завесата. Костимот стана една од најпознатите телевизиски креации на Меки.
4. Златно-сребрениот костим на Тина Тарнер
Во 1977 година Меки креираше впечатлив костим во златна и сребрена боја, со големи „крила“ и реси со синџири. Кога легендарната Тарнер била на сцената, крилјата и ресите се движеле заедно со неа, создавајќи спектакуларен ефект.
5. Костимот со пламен за Тина Тарнер
За настапот на Тина Тарнер во клуб во 1978 година, Меки создаде уште еден впечатлив костим. Целиот стајлинг потсетуваше на пламен и одлично одговараше на енергичниот сценски настап на Тарнер.
6. Светкавата бејзбол униформа на Елтон Џон
Еден од најнеобичните дизајни на Меки беше бејзбол униформата што Елтон Џон ја носеше за настапот на „Dodger Stadium“ во 1975 година. Наместо обична спортска униформа, Меки дизајнираше блескава верзија украсена со кристали и светки.

7. Контроверзниот костим на Шер од Оскарите (1986)
На Оскарите во 1986 година Шер се појави во еден од најсмелите изгледи во историјата на црвениот тепих. Таа носеше костим со украсен градник, откриен стомак и огромен украс за глава со пердуви. Изгледот предизвика многу реакции, но токму затоа остана запаметен како еден од најпознатите моменти на Оскарите.
8. Мадона на Оскарите во 1991 година
Во 1991 година Мадона се појави на Оскарите во бел фустан со сребрени мониста, инспириран од гламурот на Мерилин Монро. Креацијата на Меки повторно се најде во центарот на вниманието повеќе од три децении подоцна, кога Сабрина Карпентер носеше ист винтиџ фустан на MTV Video Music Awards во 2024 година.

9. Костимот на Пинк од Греми (2010)
За незаборавниот акробатски настап на Пинк на Греми наградите во 2010 година, Меки создаде костим кој требало да изгледа спектакуларно, но истовремено да биде погоден за сложените движења во воздух. Пинк го носеше костимот додека изведуваше акробатски елементи високо над сцената, што го направи дизајнот дел од самиот настап.
10. Фустанот на Мајли Сајрус од Греми (2024)
Еден од најновите примери за бесмртноста на дизајните на Меки е фустанот што Мајли Сајрус го носеше на Греми наградите во 2024 година. Станува збор за винтиџ креација со реси, која совршено одговараше на нејзиниот настап со „Flowers“.