Тие не чекале некој да им каже што е модерно, ниту се плашеле дека ќе изгледаат премногу смело или поинаку. Носеле она што ги претставувало и токму затоа нивниот стил останал запаметен и многу години подоцна.
Од холивудскиот гламур и машкиот костум до панкот, надреализмот и впечатливиот накит, овие жени покажаа дека вистинската модна икона не се препознава по тоа колку го следи трендот, туку по тоа колку храбро го гради сопствениот стил.
Марлен Дитрих - жената која го направи машкиот костум женствен
Во време кога панталоните и машките костуми сè уште биле смели за жените, Марлен Дитрих ги носела со самодоверба, вратоврска, шапка и машки чевли. Токму нејзината храброст да ја помеша машката и женската естетика станала дел од нејзиниот препознатлив стил.
Елса Скиапарели - за неа модата била уметност
Елса Скиапарели никогаш не се задоволувала со обична убавина. Таа сакала облеката да изненадува, да провоцира и да изгледа како уметничко дело. Соработувала со уметници, меѓу кои и Салвадор Дали, а нејзините необични идеи ја направиле една од најсмелите дизајнерки на XX век. Метрополитен музејот ја опишува како жена која намерно ги прекршувала конвенциите во потрага по свој, поинаков стил.

Жозефин Бејкер - секогаш во центарот на вниманието
Жозефин Бејкер во 1920-те ја претвори сценската облека во дел од својот идентитет. Пердуви, светкави детали, кратки фустани, накит и смели силуети. Нејзиниот стил бил исто толку храбар колку и нејзината сценска појава. Бејкер денес се смета за една од фигурите што помогнале да се обликува визуелната култура на Париз во ерата на џезот.
Вивиен Вествуд - жената која од бунтот направи мода
Вивиен Вествуд не веруваше дека модата треба само да биде убава. Таа сакаше да провоцира, да поставува прашања и да ги руши правилата. Во 1970-те помогна панк естетиката да стане дел од високата мода, користејќи кожни парчиња, безбедносни иглички, корсети и намерно „неуредни“ комбинации.Затоа Вествуд остана една од највлијателните дизајнерки на модерната мода.
И... Ајрис Апфел која покажа дека нема „премногу“
Многу децении подоцна, Ајрис Апфел повторно ги потсети жените дека стилот не мора да биде дискретен за да биде елегантен. Големи очила, впечатлив накит, различни дезени, силни бои и комбинации кои на прв поглед изгледаат неспоиво...Таа не се облекуваше за да изгледа како сите други, туку за да ја покаже сопствената личност.