Небојша Толески – нов уредник на FashionEL: Спој на мода и архитектура во фокус

Г-ѓа Елена Лука, сопственичката и креативниот директор која стои на чело на ELENA LUKA групацијата, на прес го најави новиот уредник на FashionEL.

FashionEL го збогатува својот тим. Отсега, кормилото на овој сајт ќе биде во рацете на Небојша Толески кој ќе биде главен уредник на FashionEL. Тој е еден од ретките модни новинари во земјава кои веќе 20 години ја следи македонската мода, забава и шоубизнис. Единствен е на Балканот кој направи екскузивно интервју со холивудската филмска легенда Елизабет Тејлор, а се издвојуваат и неговите интервјуа со глобалните светски модни дизајнери како Вивиен Вествуд, Жан Пол Готје, Роберто Кавали- направени во живо. Тука се и интервјуата со супермоделите Кејт Мос и Миранда Кер, како и следење на модните недели во регионот и Европа.

„ Добредојде, Небојша! Со особена гордост ви го претставуваме Небојша Толески — еден од најпрепознатливите и најискусни модни новинари на македонската медиумска сцена, кој од денес на наша чест и задоволство ќе биде нов официјален уредник на FashionEL . Овој чекор претставува јасна и силна насока за развојот на FashionEL. Заедно градиме современ, кредибилен и влијателен медиум кој ќе ја претстави македонската мода, архитектура и култура со свеж и зрел пристап. Со своето долгогодишно искуство, уредничка прецизност и препознатлива професионалност, Небојша ќе донесе стабилен квалитет, силен редакциски идентитет и стратегии што ќе го позиционираат FashionEL на повисоко ниво. Добредојде во тимот, Небојша! Со тебе, FashionEL влегува во ново, позрелo и посигурно поглавје. Следете нè на FashionEL и на нашите медиуми за нови приказни, анализи и содржини што допрва доаѓаат!“- изјави Елена.

Со ова, настапува ново поглавје во реобликувањето на FashionEL. Покрај модата како кардинална точка, фокусот ќе биде даден и на архитектурата, две сестрински дисциплини – различни по материјали, но идентични по стремежот!