Легендарната дизајнерка Вера Ванг уште еднаш покажа дека стилот нема рок на траење. На 76 години таа направи драстична промена на имиџот и повторно го привлече вниманието на модната јавност.
На доделувањето на филмските награди BAFTA во Лондон, Ванг се појави со целосно нов изглед – долга, рамна, платинесто руса коса. Промената дојде како изненадување, бидејќи само ден претходно се појави со нејзината препознатлива темна коса. Ова само потврдува дека дизајнерката сака да експериментира со својот стил и да ги поместува границите, без разлика на возраста.
За црвениот тепих избра впечатлива креација од сопствениот бренд, долга бела тоалета со црни пуфкасти ракави, со што создаде драматичен, црно-бел контраст. Целиот изглед го заокружи со големи црни очила додавајќи доза рок естетика која совршено се вклопи со новата фризура.
Со години, Вера Ванг ги користи големите настани како модна сцена за сопствените експерименти. Таа редовно изненадува со неочекувани комбинации, смели силуети и трансформации на изгледот и токму затоа е една од најинтригантните личности во модната индустрија.
Интересно е што дизајнерката често зборува и за односот кон возраста и креативноста. Во едно интервју призна дека годините не ја ограничуваат, туку напротив, чувствува уште поголема желба за работа и создавање. Според неа, најважно е да се слуша сопствениот инстинкт и страста кон модата.