Нежен, романтичен и во чекор со природата – бохо стилот е совршен за пролет

Бохо стилот во пролет е совршен избор за оние кои сакаат лежерна елеганција со доза на романтика. Со доаѓањето на потоплите денови, бохо комбинациите стануваат полесни, воздушести и инспирирани од природата.

Стилот којшто е познат по слоевито облекување, природни материјали и нежни бои носи комбинации каде што доминираат лесни фустани од памук или лен со цветни дезени, етно мотиви и тантела.

Долгите и миди модели се особено популарни, а најчесто се комбинираат со тексас јакна или лесен кардиган. Ваквото слоевито облекување е практично за променливото пролетно време и додава дополнителна стилска димензија.

Бохо стилот се поврзува со бои коишто се нежни и природни, беж, крем, маслинесто зелена, светло кафеава, како и пастелни нијанси. Цветните принтови и ситните дезени се неизбежни, бидејќи совршено се вклопуваат со пролетната атмосфера.

Аксесоарите играат важна улога во бохо стилот – плетени чанти, шешири со широк обод, марами и накит од природни материјали. Чевлите најчесто се рамни сандали, еспадрили или лесни чизмички, кои додаваат лежерност и удобност.

Со неколку внимателно избрани парчиња, лесно може да постигнете модерна бохо комбинација која изгледа свежо и актуелно.