Новата модна кампања во која заедно позираат супермоделот Хајди Клум и нејзината ќерка Лени Клум повторно предизвика бурни реакции на социјалните мрежи и во медиумите.
Двете се појавуваат како заштитни лица на новата колекција на брендот Intimissimi, но наместо само модни пофалби, кампањата отвори и дебата за границите во модниот маркетинг.
Во најновата кампања, мајката и ќерката позираат во нежни розови чипкани сетови од новата колекција на италијанскиот бренд.
Хајди носи впечатливи модели во силна розова боја, додека Лени се појавува во посуптилни пастелни парчиња со декоративни детали. Фотографиите и видеата брзо се проширија на социјалните мрежи, каде што двете модели го промовираа новото издание на брендот.
Иако визуелно кампањата следи класична естетика на долна облека, со чипка, нежни бои и романтична атмосфера, токму фактот што мајка и ќерка позираат заедно во ваков контекст повторно отвори дискусија.
Коментарите на интернет беа поделени. Дел од публиката ја пофали кампањата и ја истакна природната хемија меѓу двете, нарекувајќи ја „моќна и самоуверена“. Но, имаше и бројни критики. Некои корисници ја опишаа рекламата како „чудна“, „непријатна“ или „несоодветна“, бидејќи се работи за мајка и ќерка во промоција на долна облека.
Ова не е првпат нивната соработка да предизвика реакции. Уште од првата заедничка кампања во 2022 година, ваквите фотографии редовно предизвикуваат дискусии за тоа дали ваквиот концепт е уметнички и моден израз, или пак преминува граница во маркетингот.

И покрај критиките, и Хајди и Лени повеќепати нагласиле дека не гледаат ништо спорно во соработката. Супермоделот истакнува дека е „горда на својата ќерка“ и дека нивното семејство отсекогаш имало опуштен и природен однос кон телото.
Од своја страна, младата манекенка објасни дека се обидува да не обрнува внимание на негативните коментари, нагласувајќи дека во модната индустрија критиките се неизбежни.
Во време кога модната индустрија постојано ги тестира границите на маркетингот и визуелниот израз, ваквите кампањи покажуваат колку силно модата може да влијае врз јавната дискусија, не само за стилот, туку и за општествените норми.