
Во на Скопје се наоѓа една од најзначајните културно-историски институции во земјата, Историскиот архив во Скопје, подрачно одделение на Државниот архив на Република Македонија. Зад неговите масивни бетонски ѕидови не се чуваат само документи, туку цели периоди, судбини и процеси што ја обликувале историјата на градот и државата.
Од институционален зачеток до современ архив
Организираната архивска заштита во Скопје започнува во раните 1950-ти години. Непосредно по формирањето на архивското средиште во 1951 година, Народниот одбор на град Скопје во 1952 година донесува решение за основање на Државна архива со надлежност над територијата на градот и Скопската околија. Со тоа се поставуваат темелите на систематската грижа за архивскиот материјал.
Установата најпрво го носи називот Околиски историски архив- Скопје, кој во 1953 година се трансформира во Историски архив- Скопје. Низ децениите, Архивот го следи административниот и државниот развој: од 1974 година функционира како Архив на Скопје, а од 1990 година станува подрачно одделение на единствената управна организација Архив на Македонија. Од 2000 година официјално работи како Државен архив на Република Македонија- Одделение Скопје, без промена на својата широка територијална надлежност.
Денес, Одделението Скопје ги опфаќа градот Скопје и неговата поширока околина — од централните урбани општини до руралните средини, вклучувајќи ги Гази Баба, Карпош, Центар, Чаир, Шуто Оризари, Сарај, Арачиново, Сопиште и други.
Архитектура создадена за трајност
Зградата на Архивот е пример за промислена постземјотресна модернистичка архитектура, во која функцијата, безбедноста и симболиката се неразделни. Главниот влез на улицата води преку благи скали кон простран трем, кој создава чувство на достоинствено пристапување кон институцијата.
Влезниот хол е централно организиран и осветлен преку лантерна поставена над галеријата на првиот кат- архитектонско решение што внесува природна светлина и чувство на отвореност. Лево се сместени административните простории, додека десно се просториите за истражувачи, посетители и салата за состаноци, што ја нагласува јавната и научната функција на Архивот.

На повисоките катови се организирани одделенијата за обработка, класификација и систематизација на архивската граѓа, поврзани со депоата преку специјално проектирана мостовска комуникација. Депо-просторите имаат издвоени вертикални комуникации, што овозможува строга контрола, безбедност и заштита- основен принцип во архитектурата на архивските објекти.
Композицијата на зградата е јасно артикулирана: низок габарит, формиран од два вкрстени паралелопипеди, и висок габарит- четиристрана призма со осум ката. Бетонските ѕидови и масивните столбови, со својата ребреста и ритмична структура, намерно создаваат чувство на стабилност, трајност и сигурност- архитектура што комуницира доверба.
Архив што живее со градот
Одделението Скопје работи со околу 220 иматели на архивски материјал и располага со 675 фондови и 10 збирки, меѓу кои се вбројуваат едни од најзначајните документи за историјата на Скопје и Македонија. Посебно се издвојуваат фондовите на Градското поглаварство на Скопје (1918–1941), народноослободителните и народните одбори (1944–1953), како и архивите на просветни, културни, научни и стопански институции.
Исклучително вредна е фотографската збирка од над 30.000 фотографии, која го документира Скопје во периодот од 1928 до 1983 година. Посебно место имаат фотографиите од катастрофалниот земјотрес во 1963 година и процесот на обновата, визуелна хроника од непроценливо значење.
Архивот располага и со микрофилмска лабораторија, а има и активна издавачка дејност насочена кон историјата на Скопје и Скопско, преку едиции како „Светли ликови од револуционерното минато на Скопје“, „Мемоари“, „Монографии“ и специјални изданија од научни конференции.
Институција што трае
Како признание за својата културна, научна и општествена улога, Историскиот архив во Скопје е добитник на повеќе награди. Но неговата најголема вредност останува токму она што не се гледа веднаш, континуитетот, тишината и сигурноста со кои ја чува историјата.
Во време на забрзани промени, оваа зграда и институција потсетуваат дека вистинската стабилност лежи во паметењето.
Н.Т
Од институционален зачеток до современ архив
Архив што живее со градот
Институција што трае