Во последните години сè поголемо внимание привлекува облеката со UV-заштита, која станува сè попопуларен избор за патувања, плажа, планинарење и секојдневен престој на отворено.
Што значи UPF?
За разлика од кремовите, кај облеката се користи ознаката UPF (Ultraviolet Protection Factor), која покажува колкав дел од ултравиолетовото зрачење може да помине низ ткаенината. На пример, облека со UPF 50+ блокира повеќе од 98% од штетните зраци, дозволувајќи низ материјалот да помине само мал дел од сончевото зрачење.
Од што зависи заштитата?
Тука влијаат повеќе фактори, густината на ткаењето, видот на материјалот, бојата и кројот. Погусто ткаените материјали пропуштаат помалку сончева светлина, а потемните нијанси најчесто обезбедуваат подобра UV-заштита од многу светлите ткаенини.
Кому најмногу му се препорачува?
Особено е корисна за деца, лица со чувствителна кожа, луѓе кои поминуваат многу време на сонце, спортисти, планинари и сите што сакаат дополнителна заштита додека се на плажа или во природа.
Иако UPF-облеката е многу ефикасна, таа не треба да биде единствената заштита од сонцето. Откриените делови од телото и понатаму треба да се заштитуваат со крем со заштитен фактор, а не треба да се заборават ниту шеширот и очилата за сонце.