Денес е тешко да замислиме гардероба без панталони.
Ги носиме на работа, на кафе, со патики или со штикли. Но, тоа не било случај во 19-от век кога панталоните биле речиси исклучиво поврзувани со машката облека.
1850-тите: првиот голем чекор
Во 1850-тите се појавила комбинацијата позната како bloomer costume - пократко здолниште над широки панталони. Жената што го направила популарен овој стајлинг се викала Амелија Блумер.Со ова таа помогнала овој поинаков женски начин на облекување да стане познат.
Велосипедот им дал нова шанса
Кон крајот на 19 век велосипедот станал важна причина жените да посегнат по панталоните. Долгите здолништа не биле најпрактични за возење, па широките bloomers овозможувале многу поголема слобода на движење.
Во 1910те - моден избор
На почетокот на 20-от век дизајнерите почнале да експериментираат со женски панталони и пошироки модели. Пол Поире бил еден од познатите дизајнери кои ги внеле ваквите силуети во високата мода. Сè уште не станувало збор за масовна појава, но панталоните полека почнале да стануваат моден избор.
Војните ја забрзале промената

Првата, а особено Втората светска војна, дополнително ја промениле ситуацијата. Жените презеле многу работни места каде панталоните и комбинезоните биле многу попрактични од здолништата. Така панталоните постепено почнале да се поврзуваат не само со мажите, туку и со работата, движењето и независноста на жените.
Холивуд ги направил гламурозни
Во 1930-те некои актерки меѓу кои и Марлен Дитрих се појавувале во широки панталони и машки инспирирани костуми. Тие покажале дека панталоните можат да изгледаат женствено, елегантно и гламурозно, а не само практично. Сепак, ваквиот изглед и понатаму предизвикувал реакции.
1966- вечерната елеганција
Еден од најважните моменти се случил во 1966 година, кога Сан Лоран го претставил Le Smoking - женски смокинг со панталони. Одеднаш панталоните не биле само за работа, спорт или секојдневие. Станале дел и од вечерната, софистицирана мода.
Модерно време
Денес панталоните се насекаде и за секоја прилика. Ги комбинираме со маици, кошули, блејзери, патики или високи потпетици, зависно од расположението и пригодата. Парчето кое некогаш беше доволно смело за да предизвика потсмев, денес е едно од најомилените парчиња во женскиот гардеробер.