Охридското Езеро е најубавото место во Европа за 2026 според Time Out: Македонија пред Тоскана, Норвешка и Барселона

Езеро, планини, стар град, цркви и архитектура, го прави Охрид различен од класичните европски езерски дестинации

Охрид повторно се најде во центарот на вниманието на светската туристичка јавност. Овојпат не поради некоја локална манифестација или туристичка статистика, туку поради изборот на еден од најпознатите светски магазини за патувања- Time Out.

Во својата листа „The most beautiful places in Europe for 2026“, магазинот го постави Охридското Езеро на првото место, пред некои од најпознатите природни и културни атракции на европскиот континент. Листата е креирана врз основа на изборот на уредници и туристички писатели на Time Out, кои ги издвојуваат местата што според нив оставиле најсилен впечаток од нивните патувања.


И изборот е особено интересен затоа што Охрид не победува во конкуренција на непознати дестинации. Зад него останаа термалните извори на Сатурнија во Тоскана, Џиновскиот насип во Северна Ирска, Алберобело во Италија, историскиот Почитељ во Босна и Херцеговина, норвешките фјордови, Кју Гарденс во Лондон, каналот Принсенграхт во Амстердам, долината на Мозел во Германија и Каса Батљо во Барселона.

Во образложението за првото место, Time Out особено го издвојува Охридското Езеро како едно од најстарите природни езера во Европа, сместено меѓу Македонија и Албанија, но посебно го нагласува пејзажот на македонската страна.

Магазинот не го набљудува езерото изолирано. Напротив, токму спојот на природата со градот Охрид е она што според авторот му дава исклучителна убавина на местото.

Над езерото се издигнува Охрид, град исполнет со цркви и историски градби, а како една од највпечатливите глетки Time Out го издвојува погледот кон црквата „Св. Јован Канео“, сместена високо над езерото.

Токму комбинацијата од средновековната архитектура, езерската сина површина и планинскиот пејзаж е претставена како глетка која тешко може да се надмине.


Time Out има и конкретна препорака за посетителите: до црквата „Св. Јован Канео“ да се оди рано наутро, пред да пристигнат поголемиот број туристи. Според магазинот, токму утринската тишина му дава на местото посебна атмосфера.

Охрид како алтернатива на Комо

Интересно е што Time Out не застанува тука.

Во посебен текст објавен во април 2026 година, магазинот повторно му се враќа на Охридското Езеро и го поставува во директна споредба со едно од најпознатите европски езерски одредишта, езерото Комо во Италија.

Насловот на текстот е доволно провокативен: „The affordable Lake Como ‘dupe’ named the prettiest place in Europe“, односно Охрид е претставен како попристапна алтернатива на Комо која е прогласена за најубаво место во Европа.


Time Out посочува дека Комо привлекува повеќе од милион туристи годишно, но истовремено нагласува дека Европа има бројни езерски пејзажи кои нудат спектакуларна природа со значително помалку гужва.

Меѓу нив го издвојува токму Охрид.

Според магазинот, езерото нуди интензивно сини води, планински хоризонти и историски населби кои изгледаат како времето да застанало, а сето тоа без атмосферата на масовен туризам која ја следи дел од популарноста на Комо.

Тоа е можеби и најзначајниот дел од признанието: Охрид не е претставен само како убаво место, туку како европска дестинација која допрва треба целосно да биде откриена.


Езерото старо милиони години

Признанието на Time Out добива уште поголема тежина кога ќе се земе предвид природната и културната вредност на Охридскиот регион.

Според UNESCO, Охридското Езеро е длабоко и древно езеро од тектонско потекло, кое постои континуирано приближно два до три милиони години. Во неговите води се регистрирани повеќе од 200 ендемични видови, што го прави едно од најзначајните подрачја на биолошка разновидност во Европа.

Но неговата вредност не е само природна.

Охридскиот регион е дел од светското наследство на UNESCO, а природното наследство е надополнето со исклучително културно и архитектонско наследство. Охрид е едно од најстарите човекови населби во Европа, со цркви, фрески, икони и зачувана историска урбана структура.

Токму тоа единство, езеро, планини, стар град, цркви и архитектура, го прави Охрид различен од класичните европски езерски дестинации.


Охрид пред некои од најголемите европски атракции

На второто место на листата на Time Out е Сатурнија во Тоскана, позната по природните термални извори.

На третото место е Џиновскиот насип во Северна Ирска, со десетици илјади карактеристични базалтни столбови.

Следува Алберобело, италијанскиот град познат по традиционалните куќи „трули“, а петтото место му припадна на Почитељ во Босна и Херцеговина.

Во првите десет се и норвешките фјордови, Кју Гарденс во Лондон, Принсенграхт во Амстердам, долината на Мозел и Каса Батљо на Гауди во Барселона.

Во таква конкуренција, првото место за Охрид има особена тежина.

Не станува збор само за победа во листа на популарни туристички дестинации.

Станува збор за признание дека место кое со години живее со етикетата „скриен бисер“ може да застане рамо до рамо со најпрепознатливите европски пејзажи – и да ги остави зад себе.


Од „скриен бисер“ до европска туристичка икона?

Изборот на Time Out отвора и едно многу поголемо прашање: дали Охрид конечно влегува во нова туристичка категорија?

Магазинот во своите текстови го опишува како потценета дестинација, но токму ваквите меѓународни признанија можат да ја променат таа позиција.

Охрид веќе го има она што многу нови туристички дестинации се обидуваат да го создадат со години: природен спектакл, историски град, автентична архитектура, културно наследство и препознатлив пејзаж.

Сега доби и нешто што не може да се изгради со маркетинг кампања:

првото место на листата на најубавите места во Европа според Time Out за 2026 година.

А можеби најубавиот дел од целата приказна е тоа што, според Time Out, Охрид не мора да се обидува да биде ново Комо.

Тој веќе има причина да биде Охрид.