Ова не е кралска палата, туку најлуксузната парфимерија во светот

За разлика од класичните парфимерии каде шишенцата се збиени на рафтови, тука секој парфем има третман на уметничка скулптура во музеј

Ако на социјалните мрежи погледнете кадри од монументалните позлатени лакови, мермерните подови, градиозните лустери и архитектонската раскош што наликува на дворец од приказните за „Илјада и една ноќ“, веројатно ќе помислите дека гледате во приватната палата на некој арапски шеик или европски кралски двор.

Но, реалноста е уште попровокативна, станува збор за парфимерија.


Сместена во ексклузивниот трговски комплекс Al Hazm во Доха (познат и како „трговски центар за милионери“), куќата за парфеми Dar Al Teeb редефинира сè што мислевме дека знаеме за купувањето парфеми.


Архитектура од која застанува здивот

За разлика од класичните парфимерии каде шишенцата се збиени на рафтови, тука секој парфем има третман на уметничка скулптура во музеј.


Поставени на поединечни мермерни подстави со огромно растојание меѓу нив, парфемите се изложени како скапоцени експонати.


Просторот е дизајниран со драматични златни сводови, дискретно амбиентално осветлување и детално изрезбани ѕидови. Секој агол од овој простор испраќа порака за апсолутна ексклузивност.


Обред, а не обично купување

Во Dar Al Teeb, концептот „влези, испрскај и купи“ не постои. Процесот на избирање мирис тука е бавен, речиси свечен обред. Вработените нудат приватни консултации каде што клиентите се водат низ приказната на секоја нота, од ретки, со години одлежувани агар (уд) масла, па сè до капки од најскапоцените ориентални и француски есенции.


Дел од парфемите што се продаваат во овој објект не можат да се купат никаде на друго место во светот. Тие се креирани ексклузивно за оваа локација и доаѓаат во рачно изработени шишиња што личат на скулптури, поради што страсните колекционери ги сметаат за вистински инвестиции.


Луксуз со порака

Со претворањето на продажниот простор во архитектонско ремек-дело, Dar Al Teeb докажува дека во светот на високата парфимерија, мирисот е само половина од искуството, другата половина е амбиентот, магијата и чувството дека чекорите низ историјата и богатството на ориенталниот луксуз.