Ова не е моден проект – ова е порака до целата индустрија: Новиот сон на Дрис Ван Нотен во Венеција

Една историска локација ќе добие нов живот преку внимателно осмислена и курирана културна програма. Овојпат, вестите нè водат во Венеција, а главниот актер на оваа возбудлива новост е Дрис Ван Нотен, кој заедно со својот сопруг Патрик Вангелуве ја основа уметничката фондација Fondazione Dries Van Noten. Да, токму тоа е местото каде што ќе го доживееме најсуптилниот модно-уметнички премин на славниот белгиски дизајнер, кој уште во текот на својата модна кариера покажа колку длабоко ја почитува уметноста на занаетот – и тука нема да биде поинаку.

„Fondazione Dries Van Noten се појавува како нова културна и уметничка знаменитост, вкоренета во историјата на градот и посветена на неговата креативна иднина“, стои во официјалното соопштение. Особено впечатлива е самата локација: импозантната и раскошна венецијанска барокна палата Palazzo Pisani Moretta од 15 век ќе стане дом на новата фондација, со амбиција да ѝ вдахне современ дух на една од најпознатите палати во Венеција.

Како непрофитна културна институција, нејзината дејност ќе се одвива преку целата година, преку изложби, колаборативни проекти, резиденции, сателитски активности и едукативни програми за студенти и млади креативци. Фондацијата е посветена на градење врски во рамките на венецијанската културна мрежа – меѓу дисциплини и заедници, блиски и далечни – создавајќи нови визии и можности за градот преку трајната сила на уметноста, убавината и занаетот, поетично порачуваат нејзините основачи.

Одлуката за повлекување од модниот свет во јуни 2024 година, кога Дрис Ван Нотен официјално ја напушти својата истоимена модна куќа по извонредни 38 години, беше постепена и ни најмалку лесна. Во интервју за американскиот Vogue, Ван Нотен открива:
„Приказната всушност започна пред седум или осум години. Кога наполнив 59 години, почнав да размислувам за иднината – и за брендот и за нас како пар. Знаевме дека треба да најдеме некој што ќе го преземе брендот. Затворањето не беше опција; имаше премногу идентитет и елементи што можеа да продолжат под водство на некој што ја почитува неговата душа, а воедно ќе внесе и свој печат. Архивата беше комплетна, а нашиот тим во Антверпен – многумина од нив со нас веќе 20, 25, па дури и 35 години – беше длабоко поврзан со брендот. Само да се каже: ‘Извинете, имам 65, збогум’, немаше да биде искрено. Затоа решивме да се повлечеме кога наполнив 66 години и конечно рековме: ‘Во ред, запираме. Време е за нешто друго.’“

Идејата за основање фондација произлезе од едноставната желба на Дрис и Патрик да продолжат да работат на нешто значајно.
„Животот ни даде многу и работевме без престан, но низ сето тоа постоеше еден постојан елемент – занаетчиството. Отсекогаш ме фасцинирал везот. Поминав многу време во Индија, работејќи со мајстори во села, а не во фабрики, размислувајќи како да се зачуваат нивните вештини без дополнително да се туркаат луѓето кон веќе пренатрупаните градови како Калкута. Истиот пристап го водеше и мојот ангажман во Европа: работев на рачно насликани облеки во Комо, со мали ткајачници во Лион кои сè уште работат на дрвени разбоји од 1920-тите, секогаш вреднувајќи ја човечката рака, умешноста и суптилните несовршености што го прават секое парче единствено. За мене, самото создавање отсекогаш било дел од приказната – внимателно зашиени ревери, видливи детали кои го слават занаетот, времето и грижата вложени во секое парче облека. Занаетчиството отсекогаш било темел на мојот бренд. Патрик и јас често разговаравме за тоа како би можеле да ја истражуваме оваа страст на нов начин. Венеција, со своите слоеви живо занаетчиство и начинот на кој мајсторските вештини се присутни во секојдневниот живот, ни се чинеше како совршено место. Така започнавме да ја развиваме идејата за Fondazione Van Noten – простор за прикажување и негување на уметноста на создавањето во сите нејзини облици“, објасни дизајнерот за Vogue.

Во мај 2025 година, Ван Нотен официјално ја купи една од најимпресивните палати во Венеција – Palazzo Pisani Moretta, сместена покрај Големиот канал – која денес станува нова уметничка адреса во градот. За модниот дизајнер, ова претставува сосема ново поглавје, за кое со нетрпение очекуваме да дознаеме и да го доживееме одблиску по свеченото отворање закажано за април 2026 година.

„Појдовната точка на нашата фондација е простор што прифаќа повеќе дисциплини и гласови. Отсекогаш сум сакал да комбинирам контрасти во модата – street и couture, етничко и историско – за да создадам хармонична целина. Исто така, сакаме да ги прошириме хоризонтите надвор од очигледните ‘најдобри’ занаетчии или студенти. Средната, често занемарена група, експерименталниот пристап и работата со различни луѓе, возрасни групи и методологии го одржуваат процесот авантуристички и полн со изненадувања. Имаме многу идеи“, најави големиот Ван Нотен за Vogue.

Н.Т