Ова веќе слета: „Вселенскиот брод“, чудо на архитектурата што „лебди“ се отвараа оваа година

Футуристичкиот музеј налик на вселенски брод- Lucas Museum of Narrative Art во Лос Анџелес, долгoочекуваниот и амбициозен проект вреден една милијарда долари на креаторот на Star Wars, Џорџ Лукас, и неговата сопруга Мелоди Хобсон, официјално ќе ги отвори вратите за јавноста на 22 септември 2026 година.

Првпат претставен во 2014 година, музејот сместен во Exposition Park веќе се наметнува како идно задолжително место за посета и вистинска „bucket-list“ дестинација, судејќи според објавените фотографии.

Архитектура без агли- објект што „лебди“ над земјата

Објектот, дизајниран од студиото MAD Architects, е осмислен така што визуелно „лебди“ над земјата, без ниту еден класичен прав агол. Формата потсетува на вселенски брод, создавајќи органска, динамична архитектура каква што ретко се гледа во музејската практика.

Зградата се простира на 300.000 квадратни стапки и е опкружена со внимателно уреден пејзаж составен од дрвја, градини и пешачки патеки, создавајќи хармоничен спој меѓу футуристичката архитектура и природната средина.

Дом на една од најзначајните колекции на наративна уметност во светот

Музејот ќе биде посветен на илустрираното раскажување приказни и ќе содржи повеќе од 10.000 уметнички дела од личната колекција на 81-годишниот Џорџ Лукас. Меѓу експонатите ќе има стрипови, илустрации, слики, фотографии, подвижни слики, скулптури и филмска меморабилија.

Посетителите ќе можат да видат дела од легендарни илустратори како Норман Роквел, Н. С. Вајет, Максфилд Париш и Кадир Нелсон, стрип-уметници како Винзор Мекеј, Френк Фразета, Џек Кирби и Роберт Крамб, муралисти како Џудит Ф. Бака и Диего Ривера, како и фотографии од Доротеа Ланге и Кери Меј Вимс.

Колекцијата вклучува и дела што ја документираат историјата и културата на Афроамериканците, со автори како Џејкоб Лоренс и Чарлс Вајт, како и значајни дела од уметници како Фрида Кало, Артемизија Џентилески и Роберт Колескот.

Простор за уметност, филм и искуство

Петкатниот музеј ќе содржи изложбени галерии, две кина, меѓу кои и театар со 299 седишта, стаклени лифтови, библиотека, кафуле и ресторани. Посетителите ќе имаат пристап и до кровна тераса со панорамски поглед кон градот.

Во музејот ќе бидат сместени и значајни филмски архиви, вклучувајќи ја Separate Cinema Archive и целосната Historic Lucasfilm Archive (1971–2012).

„Музеј на уметноста на луѓето“

„Ова е музеј на уметноста на народот- сликите се илустрации на верувањата со кои живееме секој ден. Токму затоа, оваа уметност ѝ припаѓа на сите“, изјави коосновачката на музејот, Мелоди Хобсон.

„Нашата надеж е дека додека луѓето се движат низ галериите, ќе се препознаат себеси и својата човечност во делата што ги гледаат.“

Со својата визионерска архитектура и импресивна колекција, Lucas Museum of Narrative Art најавува ново поглавје во начинот на кој се доживува уметноста – како универзален јазик што ги поврзува приказните, културите и човечкото искуство.