
Во многу аспекти, модната индустрија во 2025 година се наоѓаше во состојба на постојани промени (доволно е да се споменат 15 дебија на креативни директори во само една сезона), а со поглед кон новата година, нема никакви индикации дека тоа темпо ќе забави. Кога станува збор за клучните трендови кај здолништата, движењето е главниот фокус – без разлика дали се изразува преку динамични текстури, експлозивни силуети или брановидни рабови.
Како пример може да се земе деби-колекцијата на Луиз Тротер за Bottega Veneta, во која беа претставени здолништа со извртени форми, изработени од рециклирани фибергласни материјали кои, според зборовите на Тротер, имале „чувство како крзно“, но се движеле „како стакло“. Дебито на Матије Блази за Chanel, пак, беше исполнето со здолништа до под со пердуви, разиграни фламенко-набори и тактилни реси кои ја нагласуваа динамиката на движењето.
Живите и разиграни рабови беа заедничка нишка низ целата модна сцена. Таканареченото „водопад-здолниште“ – полирана верзија на Y2K марама-здолниште за 2026 година – се појави на пистата на Alaïa, препознатливо по каскадните слоеви и асиметричните, високo-ниски рабови. Воедно, здолништата со „меуреста“ форма, со нивните нагласени пропорции и подигнати рабови што ја пркосат гравитацијата, остануваат актуелни и следната сезона. Prada понуди инспирација со монохроматски и лимон-зелени мини здолништа, стилизирани со утилитарни јакни и чевли со остар врв.
Кога станува збор за боите, сведоци сме на неочекувано враќање на тиркизните нијанси со призвук на 2010-тите, благодарение на заситените модели прикажани на пистите на Dries Van Noten и Fendi. Ова толкување нема никаква врска со полиестерските „бејбидол“ фустани од младоста; напротив, станува збор за колор-блок комбинации на одделни парчиња кои подеднакво добро функционираат и кафуле и во канцелариски амбиент.








Н.Т