Постојат објекти што не импресионираат со височина, раскош или монументалност, туку со идеја, контекст и способност да опстанат низ векови. Токму таков редок пример е Ермитажот на Сан Каралампио на островот Ла Тоја, во шпанската област Галиција, мала капела која изгледа како да излегла директно од длабочините на Атлантикот и денес важи за едно од најнеобичните сакрални архитектонски решенија во Европа.
Овој објект, познат и како Ермида да Тоша или Капелата од школки, потекнува од 12 век. Иако неговата првична основа е средновековна, низ вековите претрпел низа реконструкции и архитектонски интервенции. Основниот волумен останал скромен и традиционален, карактеристичен за малите галициски религиозни градби, но токму неговата фасада го прави светски уникат.

Наместо камен или декоративна керамика, надворешната обвивка на капелата е составена од илјадници школки, внимателно поставени една до друга. Овој слој не е само декоративен гест, туку претставува интелигентен одговор на локалната клима. Близината на океанот носи силна влага, солен воздух и агресивни временски услови, па школките биле употребени како природна заштита на ѕидовите од ерозија и пропаѓање.

Токму тука архитектурата покажува дека е најмоќна кога е практична. Она што на прв поглед изгледа како уметничка фасада, всушност е функционално решение создадено од потреба.

Во 1950-тите години надворешноста добива денешен препознатлив изглед, кога објектот е целосно обложен со школки за дополнителна заштита од морската влажност. Со тоа, капелата станува редок пример каде природен материјал е употребен како архитектонска кожа.
Во 19 век била извршена голема реконструкција, а во тој период објектот бил преименуван во Ермита де Сан Себастијан. Сепак, и покрај промените, зачуван е духот на првобитната градба, едноставна, мирна и длабоко поврзана со пејзажот околу неа.
Од архитектонски аспект, оваа капела е драгоцен пример за биорегионална архитектура многу пред терминот да стане популарен. Таа користи материјали достапни во непосредната околина, одговара на климатските предизвици и создава силен визуелен идентитет преку локалната култура. Школката, која е симбол на Камино де Сантијаго, овде има двојна улога, конструктивна и симболична.
Објектот покажува дека големината не е мерка за архитектонска вредност. Иако скромна по димензии, оваа капела носи моќна порака- највпечатливите градби често се оние што знаат да живеат со природата, а не против неа.
Денес, Ермитажот на Сан Каралампио е една од најфотографираните знаменитости во Галиција и инспирација за архитекти, конзерватори и љубители на културното наследство. Тој е доказ дека архитектурата може да биде истовремено духовна, практична и поетична, а понекогаш и облечена во илјадници школки.
Н.Т