Долго време женската убавина се поврзуваше со едно многу јасно правило, колку помладо изгледате, толку подобро.
Седите влакна се прикриваа, брчките се коригираа, а шминката често имаше задача да создаде што е можно помазно и „совршено“ лице.
Но, во последно време нешто се менува. Сè повеќе жени избираат да ја остават природната седа коса, да носат помалку шминка и да не се обидуваат по секоја цена да ги сокријат знаците на стареење. Убавината сè почесто се поврзува со тоа да изгледате како најдобрата верзија од себе.
Седата коса не мора да се крие
Еден од највидливите примери е начинот на кој се гледа на сивата и сребрената коса. Оливија Колман неодамна привлече огромно внимание со долгата седа коса, а во истата група се и жени како Енди Мекдауел и Џејн Фонда, кои со години покажуваат дека сребрените тонови можат да изгледаат модерно и елегантно.
Во последно актуелен е и терминот grey blending, односно начин на бојадисување со кој седите влакна постепено се вклопуваат со останатата коса, наместо постојано целосно да се прекриваат. Целта е преминот да изгледа природно, а косата да има повеќе димензија и помалку забележлив израсток.
Помалку шминка, но подобра кожа
Слична промена се случува и со шминката. Наместо дебели слоеви пудра и целосно прикривање на секоја неправилност, актуелниот изглед се движи кон полесни текстури и кожа која сè уште изгледа како кожа.
Целта не е лицето да изгледа без никаква текстура, туку свежо и негувано. Лесна подлога, малку руменило, маскара и природна боја на усните често се доволни за изглед кој не го прикрива лицето под слоеви производи.
Ова не значи дека жените повеќе не сакаат да изгледаат помладо. И токму тука е најинтересниот дел од оваа промена.Тие и понатаму сакаат убава коса, негувана кожа, добра фризура и шминка. Разликата е во тоа што природниот изглед сè помалку се доживува како нешто што мора да се „поправи“.
Природноста не значи запоставеност
Природниот изглед не значи да престанеме да се грижиме за себе. Седа коса може да изгледа прекрасно ако е добро негувана и соодветно потстрижена. Лицето може да има брчки и сепак да изгледа свежо со добра нега и лесна шминка. А малку помалку пудра не значи помалку внимание на изгледот.
Новата идеја за убавина повеќе се потпира на негуваност отколку на совршенство. Тоа се гледа и во начинот на кој модата и козметичката индустрија сè почесто прикажуваат жени со седа коса, природна текстура и помалку нагласена шминка.
Она што се менува е идејата дека постои само еден правилен начин жената да изгледа добро. Природната седа коса може да биде убав избор, исто како што може да биде убав избор и бојадисаната коса. Помалку шминка може да изгледа прекрасно, но и впечатливиот кармин и совршено исцртаните очи не се нешто од кое треба да се откажеме.
← Претходен