Сите нијанси на зелена

Зелена боја секогаш носи свежина и изгледа природно и впечатливо во исто време. Оваа нијанса потсетува на природа, море, палми и создава одлични комбинации за летната сезона.

Маслинестата зелена е една од оние нијанси што секогаш делува средено и софистицирано. Особено убаво изгледа на ленени кошули, широки панталони и едноставни фустани. Во комбинација со бела, крем или беж боја, целиот аутфит добива мирен и луксузен изглед.

За разлика од помирните зелени тонови, смарагдната зелена веднаш привлекува внимание. Ова е боја што изгледа особено убаво на сатенски материјали, вечерни фустани и поелегантни летни комбинации. Комбинирана со бела или црна боја, изгледот станува модерен и драматичен без да биде претеран.

Ментол и пастелно зелените тонови пак, делуваат лесно, романтично и многу свежо, па затоа се совршени за дневни летни комбинации. Најчесто ги гледаме кај ленени комплети, широки кошули, здолништа и лесни фустани. Пастелната зелена особено добро се комбинира со светол тексас, бела боја и сребрен накит, а целиот изглед делува чисто и нежно.

Една од причините зошто зелената е толку популарна е тоа што лесно се комбинира со многу други бои. Најсигурен избор се белата, беж и крем бидејќи со нив зелената секогаш изгледа природно и хармонично.

Без разлика дали станува збор за нежна пастелна нијанса, длабока смарагдна зелена или впечатлива лимета боја, зелената секогаш внесува свежина во изгледот. Таа е боја што лесно се забележува, а сепак може да изгледа многу елегантно и природно.