Социјалните мрежи и разните филтри што се користат, целосно го сменија начинот на кој се гледаме себеси. Денес филтрите не ја менуваат само светлината на фотографијата, туку и лицето. Тие го стеснуваат носот, ги зголемуваат усните, ја измазнуваат кожата и создаваат „совршена“ верзија од нас.

Токму ова е причината за појава на „Snapchat dysmorphia“, феномен што ја поттикнува желбата кај луѓето да изгледаат како својата филтрирана верзија. Пластичните хирурзи сè почесто зборуваат за пациенти кои носат селфи со филтер како пример за тоа како сакаат да изгледаат.
Наместо инспирација од познати личности, денес многумина бараат да изгледаат како дигитално изменета верзија од самите себе. Проблемот е што тие стандарди не се реални, совршената симетрија и неприродните пропорции постојат само на екранот.
Социјалните медиуми создадоа средина во која изгледот постојано се споредува и оценува. Колку повеќе време поминуваме гледајќи „совршени“ фотографии, толку повеќе почнуваме да веруваме дека така треба да изгледаме и во реалноста.
Поради тоа, луѓето се повеќе гледаат „недостатоци“ и во сосема нормални работи како пори, подочници или асиметрија. Нешто што порано било природно, денес често се доживува како проблем што треба да се коригира.
Филтрите имаат големо влијание особено кај помладите генерации. Сето ова лошо влијае врз самодовербата и перцепцијата за убавина. Во обид сите да изгледаат совршено, многумина почнуваат да изгледаат сè послично.
Најголемиот проблем со Snapchat dysmorphia е што полека ја брише границата помеѓу реалниот изглед и дигиталната илузија. Вистинските лица имаат текстура, мимики и несовршености и токму тие се работите што нè прават различни и препознатливи.