Современиот дом не мора да биде голем за да биде удобен, организиран и функционален. Понекогаш најдобрите решенија се оние што не ги забележуваме веднаш
Архитектурата денес сè почесто се занимава со тоа како просторот да се користи на најпаметен можен начин.
Врати што исчезнуваат во ѕидот
Една од највпечатливите идеи во современото уредување се вратите што се вклопуваат во ѕидот и речиси не се забележуваат. Без видливи рамки и со иста боја или облога како околниот ѕид, тие создаваат непрекината површина и му даваат на просторот поуреден изглед.
Пректичен просторот под скалите
Просторот под скалите често останува неискористен, иако може да понуди многу повеќе отколку што изгледа на прв поглед. Со внимателно планирани фиоки, шкафови или полици, оваа површина може да стане место за чевли, книги, играчки, средства за чистење или предмети што не се користат секојдневно.
Плакари како дел од архитектурата
Вградените плакари се едно од најдобрите решенија за домови во кои секој сантиметар е важен. Кога се изработени во иста нијанса како ѕидовите или се продолжение на дрвената облога, тие изгледаат како дел од архитектурата, а не како дополнителен мебел. Особено се практични во спалните соби, ходниците и дневните простории.
Кујната што може да се сокрие
Во отворените дневни простории, кујната понекогаш може да биде визуелно доминантна, особено кога е поврзана со трпезаријата и дневната соба. Затоа, архитектите сè почесто користат високи шкафови, лизгачки панели и преклопни врати со кои дел од кујната може да се затвори кога не се користи.
Мебел со двојна функција
Некои од најкорисните скриени простори се создаваат со мебел кој има повеќе од една намена. Клупа под прозорец со вградени фиоки, кревет со простор за складирање се само дел од решенијата што ја комбинираат удобноста со практичноста.
Скриени полици во бањата
Во бањата, полиците вградени во ѕидот можат да бидат одлична алтернатива на големите шкафови. Тие се практични за шампони, козметика, крпи и други ситници, а кога се обложени со истите плочки како ѕидот, создаваат ненаметлив и уреден изглед.