
Од бои за внатрешно и надворешно уредување, текстилни дезени и материјални палети, до архитектонски стилови и елементи – домашните ентериерни решенија постојано доаѓаат и си заминуваат, следејќи ги трендовите. Еве мислење од неколку реномирани дизајнери на ентериер за тоа кои застарени карактеристики на домот повторно се враќаат или се на прагот на своето враќање.
Запознајте ги експертите
Хедер Милворд, CID, NCIDQ, ASID, основач и главен архитект во Millward Architecture и Design
Колин Бјут Бенет, основач на CBB Design Firm
Фиби Бичнер, дизајнер на ентериер во Hart Howerton
Тапети и простории „облеани“ со боја
„По години доминација на безбедни неутрални тонови и минимализам, повторно се јавува желба за повеќе личен израз во ентериерите – простори со кои луѓето можат емоционално да се поврзат“, вели Фиби Бичнер од Hart Howerton.
Токму затоа, според неа, просториите со тапети и заситени бои повторно се во тренд. Кога станува збор за тапетите, таа забележува дека особено се враќаат во кујнските простори.
Колин Бјут Бенет, основачка на CBB Design Firm, исто така забележува зголемена употреба на тапети, нагласувајќи дека одредени старински стилови се особено популарни – како флоралните и тапетите во стилот на Waverly, кои носат викторијанска естетика или потсетуваат на дамаст.
Затворени распореди на простории
Со години сопствениците на домови рушеа ѕидови за да создадат отворени и воздушести распореди. Но, во последно време архитектите и дизајнерите сè почесто добиваат барања тие ѕидови повторно да се изградат, со цел да се оформат јасно дефинирани простории со конкретна намена.
Овој пристап внесува поголема структура во просторот и го олеснува неговото уредување и освежување со текот на времето. Промената може да произлегува од носталгија, желба за враќање на автентичниот карактер на постарите домови или од практична потреба одвојувањето на активностите да биде појасно. На пример, тегови за вежбање не изгледаат најдобро среде дневна соба, кога можат да имаат свое место во домашна теретана или посебна просторија.
Меѓу просториите што повторно стануваат актуелни се формалната трпезарија, домашната канцеларија или кабинет и класичната дневна соба или салон.
Максимализам
Покрај тапетите и заситените бои, максимализмот се враќа и преку слоевитост, богати детали и декорација со предмети и уметнички дела што раскажуваат приказна.
Според Бенет, еден од елементите на максимализмот што повторно добива на значење – по период на занемарување – е декоративната столарија во сите нејзини форми, стилови и бои. Ова вклучува рамковни лајсни, столни венци, корнизи и подни лајсни, рамки околу прозорци и врати, како и декоративни ѕидни панели и ламперија.
Бичнер додава дека враќањето на максимализмот се забележува и преку употребата на винтиџ парчиња мебел и декор, кои внесуваат топлина, сеќавања и чувство на припадност, како и преку смели животински дезени и богати текстури.
Вградени места за седење
Иако долго време беа заборавени, вградените седишта повторно се појавуваат како естетско и функционално решение.
Дизајнери како Хедер Милворд, главен архитект во Millward Architecture + Design, сè почесто добиваат вакви барања во своите проекти.
„Без разлика дали станува збор за вградена софа или интимен агол- клупа за јадење, клиентите ги обожаваат овие прилагодени, штедливи решенија кои овозможуваат повеќе места за седење, а истовремено нудат и паметни можности за складирање во помали простори“, вели Милворд.
Дополнително, ваквите агли за појадок или читање покрај прозорец најчесто имаат перници што лесно се вадат. Со едноставна замена на навлаките, просторот може брзо да се освежи кога боите или дезените ќе излезат од мода – или кога едноставно ќе ви здодее постојниот изглед.
Кафеавите тонови од 1980-тите
Естетиката на осумдесеттите години во последно време влијае на сè – од филмови и музика до мода. Но кога станува збор за уредување на домот, многумина би рекле дека таа декада треба да остане во минатото – со еден исклучок: кафеавата боја.
„Мислам дека како деца во осумдесеттите живеевме опкружени со кафеави тонови, и сега повторно ги гледаме насекаде“, вели Бенет, потсетувајќи се на честата употреба на кафеав кордур.
Според неа, кафеавата боја се враќа како нова неутрална алтернатива на сивата. Таа сè почесто се користи на обоени ѕидови и текстилни површини – од тапацирот на мебелот до теписи и завеси.
Н.Т