Стил, музика, отпор и моќ: Жената со гласот, активизмот и пораката за идентитет и самопрепознавање

Легендата Нина Симон, родена како Eunice Kathleen Waymon на 21 февруари 1933 во Трајон, Северна Каролина, САД е еден од најважните гласови во музичката историја на 20-от век – пијанистка, пејачка, композиторка и жестока поддржувачка на граѓанските права. Вистина дива.

Таа комбинирала џез, соул, блус, госпел, поп и класична музика во својот уникатен израз, а со силниот контраалт и интензивна интерпретација остави неизбришлив белег на светската сцена. Симон почина на 21 април 2003 во Франција, но нејзината музика и пораки продолжуваат да влијаат на генерации уметници и активисти.

Симон не беше само изведувачка – нејзината музика беше активизам. Песни како “Mississippi Goddam” и “Four Women” директно го критикуваат расизмот, нееднаквоста и Евроцентричните стандарди за убавина, предизвикувајќи слушателите да размислат за социјалните реалности на Афроамериканците во САД.

Но во нејзиниот израз не спаѓаше само музиката – Симон исто така користеше визуелен стил и мода како дополнителен начин да ја пренесе пораката на својата личност и уметност. Според неа- „сакам да се појавам онака како што сакам да изгледам; така создавате расположение уште пред да отворите уста. Понекогаш тоа е доволно за да го добиете она што го сакате од публиката.“

Стил како карактер: Мода која зборува

Нина често излегуваше надвор од трендовите на своето време и со својата облека ја истакнуваше сопствената моќ и индивидуалност. Модните историчари и стилисти денес го описуваат нејзиниот стил како „храбар, бескомпромисен и личен“ – не толку усогласен со сезонските трендови, колку со сопствената визија за себе и за светот околу неа.

Симон често носеше декоративни вечерни фустани со богати ткаенини, силуети кои создаваа драматичен ефект на сцената, големи елементи од накит и акценти, големи марами, турбани инспирирани од афро-културниот идентитет.

Еден од најпознатите нејзини избори беше црн, мрежест комбинезон што го носеше на настапи со цел да ја создаде илузијата на „голотија“ – симболична, провокативна и целосно под контрола на нејзината визија за изгледот.

Таа сама раскажала дека го носела истиот тој фустан за цела година да остави силен впечаток: „Кога излегувам на сцена … понекогаш тоа е доволно да ги направам луѓето мои уште пред да отпочнам со музика.“

Модните експерти за стилот на дивата

Иако неколку децении откако таа твореше, модните критичари ја сметаат Симон за предвесник на индивидуалниот пристап кон стилот, чие влијание достигнува далеку надвор од музичката сцена. Модните историчари велат дека нејзиниот стил бил толку уникатен што не можел едноставно да се сведе на тренд – тој бил израз на сопствена личност и културна гордост.  Современи стилисти пак оценуваат дека нејзиниот избор на  турбани и аксесоари предвремено ја препознавале важноста на контекстот и иконографијата во модата, елементи што подоцна ќе станат стандардни во глобалната модна сцена.

Иако Симон не работела со големи модни куќи како некои музички ѕвезди, критичарите денес ја споредуваат нејзината непокорност во стилот со актуелни трендови на самоизразување и независност на модните писти.

Мода како културен израз

Нина не само што ја славела својата музика – таа ја славела и својата културна насока преку облеката која ја носела. Таа честопати ги истакнувала своите афро-американски корени и личните борби, користејќи го својот стил како вид визуелен активизам.

Во време кога многумина други артисти ја третирале визијата за себе како дополнување на музиката, Симон ја користела облеката како интегрален дел на својот уметнички говор. Таа секогаш знаела дека стилот не е само надворешна фасада, туку израз на идентитет, сила и порака.

Оваа легенда останува икона не само за музиката, туку и во стилот – жена која модата ја гледала како уште едно поле на битка за лична и културна слобода. Таа не следела трендови, туку создавала свој свет – онаков каков што сака да го види.

Нивото на нејзиното влијание денес не се мери само во музички награди или хитови на топ-листи, туку и во тоа како таа ѝ даде глас на силата преку секој избор на облека што го направи.

Н.Т