Во светот на високата мода, каде времето се мери во часови рачна работа, а вредноста во автентичност и визија, постојат брендови кои не следат трендови, туку создаваат естетски канони. ELENA LUKA одамна го има тоа место. Со креации кои настануваат со денови, понекогаш и со недели прецизна изработка, брендот гради препознатлив јазик на гламур, уметност и апсолутен квалитет.
Фустаните на ELENA LUKA не се наменети за момент, туку за историја. Секој конец, секој вез, секоја силуета е резултат на мајсторство што припаѓа на светот на haute couture, онаму каде што модата престанува да биде облека и станува уметничко дело. Трите фустани што следуваат се само мал дел од богатото couture портфолио на брендот, креации кои без сомнение можат рамноправно да се најдат и на Париската недела на висока мода.
ДАЛГА: слобода, движење и поетика на телото
Слободата на движење и духот на спонтаноста суптилно се чувствуваат во колекцијата ДАЛГА на ELENA LUKA. Токму овој фустан е од таа колекција на брендот. Брановидната уметност на ДАЛГА е совршен спој помеѓу палета од нијанси на чистите песочни бои и спонтаната игра на воздушестите форми и фините материјали. Стаклениот ефект добиен со комбинацијата на свила и органтин отвора една нова димензија во визуелниот потпис на жената. Таа е децидна, доволно смела и храбра да го обвие своето тело со прозрачни материи кои ја пласираат пред јавноста нејзината фигура без скруполи, но истовремено ја нагласуваат нејзината романтичност и кревкост.
Овој фустан не само што ја следи формата- тој комуницира со телото. ДАЛГА е движење, здив, момент на женска самодоверба преточен во ткаенина. Тоа е висока мода што не доминира, туку ослободува.
Од колекцијата COUTURE наменета за Дубаи и Блискиот Исток- Constellation
Фустанот Constellation од ELENA LUKA Couture е олицетворение на сјајот, изјава на моќ и раскош, вткаени во секој шев. Целосно рачно извезен со префинета тамбур-техника, ова ремек-дело бараше четириесет и пет дена посветена изработка. И скулптуралниот фустан и неговото отстранливо здолниште беа создадени со исклучителна прецизност од мајстори-занаетчии, чие секое движење беше водено од стремежот кон совршенство.
Облеан со илјадници сертифицирани Swarovski кристали, фустанот блеска како небо распалено со ѕвезди. Секој шев и секоја внатрешна линија ја одразуваат ретката уметност на haute couture техниките, додека неговата основа, нежен слој од чиста свилена тул-ткаенина го обвива телото со етерична мекост.
Ова не е само висока мода — ова е проглас. Смел, моќен и незаборавен, Constellation е создаден за жени кои чекорат низ светот како императорки, наменет за најгламурозните црвени теписи и најексклузивните венчавки, блескајќи како да се облечени во жива галаксија.
Црно-златната тоалета: сценска моќ и мистична елеганција
Се работи за фасцинантна филмска тоалета што спојува драматична црна чипка со раскошен златен корсет-појас. Со денови работена и рачно, па се смета за висока мода во секоја смисла. Долгата, лесно разлеана силуета создава впечаток на сценска моќ и префинета женственост, додека контрастот црно-златно носи безвременски луксуз и силен визуелен ефект.
Слоевитоста на креацијата е трансформирачка и секој елемент е внимателно обработен со математичка прецизност.
Фустанот сам по себе зборува една врвна приказна која во континуитет ја создава брендот ELENA LUKA со точен и прецизен начин како треба да се изгледа на сцена, а мистичноста да трае…
Ова е фустан што не се носи, туку се доживува. Креација што ја дефинира моќта на сценскиот настап и ја претвора жената во центар на универзумот.
Couture како потпис, не како исклучок
Овие три фустани се само фрагмент од светот на ELENA LUKA Haute Couture – свет во кој уникатноста е правило, а не исклучок. Со изработка што трае со часови и денови, со автентичност што не подлегнува на компромиси и со јасна уметничка визија, брендот се позиционира рамо до рамо со светските куќи на висока мода.
ELENA LUKA не создава трендови за една сезона. Таа создава ремек-дела што траат, креации што заслужуваат да бидат видени, документирани и запаметени – било тоа во Париз, Милано, Дубаи или на која било сцена каде модата е уметност.
Н.Т