
Кога принцезата од Велс пристигна во замокот Виндзор на државниот настан одржан во чест на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер претходно овој месец, таа пријатно ги изненади познавачите на кралските протоколи со својот избор на тијара за таа пригода. Иако во минатото најчесто ги фаворизираше тијарата „Cartier Lover’s Knot“ (славно носена од принцезата Дијана) и тијарата „Лотусов цвет“ (која незаборавно ја одбра за државната посета на кинескиот претседател Си Џинпинг во 2015 година), овој пат таа се одлучи за Ориенталната круна, изработена од куќата Garrard во 1853 година за кралицата Викторија.
Со дијаманти и рубини распоредени во мотиви на лотусов цвет и мугалски лакови, оваа тијара – која покојната кралица Елизабета Втора ја носеше само еднаш, за време на посетата на Малта во 2005 година – е најголемата дијадема што Кејт ја има носено досега. Во комбинација со нејзината впечатлива сина фустан-наметка (омилена силуета на принцезата) од Џени Пекам, брошот со Кралскиот семеен орден на кралот Чарлс Трети (првпат претставен во јули 2025 година) и лентата што ја симболизира нејзината титула Дама Голем Крст на Кралскиот викторијански орден, целиот изглед јасно укажа дека принцезата сè посигурно ја прифаќа својата улога како идна кралица.
Всушност, оваа година бевме сведоци на неколку впечатливи моменти со тијари и изгледи, благодарение на државната посета на францускиот претседател Емануел Макрон во јули и посетата на американскиот претседател Доналд Трамп во септември. За француската пригода, принцезата носеше бордо фустан со наметка од Сара Бартон за Givenchy – нејзин прв изглед од овој дизајнер откако ја презеде креативната дирекција на француската модна куќа – додека за американската посета се одлучи за бел фустан од Филипа Лепли со златен чипкан капут со висок околувратник. Овие избори означија јасен стилски пресврт во однос на нејзините поранешни државни изгледи, кои почесто беа класично „принцезни“ (како, на пример, белиот фустан со карнери од Alexander McQueen што го носеше за првата државна посета на Трамп). Годинашните поелаборирани и позатворени креации секако се знак за нејзиниот растечки авторитет и старешинство во кралското семејство.
Слично на тоа, изборот на руменорозова Dior Bar јакна и тул-здолниште, кои ги носеше при пречекот на Макрон и неговата сопруга Брижит на почетокот на нивната државна посета, претставуваше забележлива промена. Иако отсекогаш била мајстор на дипломатското облекување (да се потсетиме на брошот во форма на јаворов лист за време на турнејата во Канада во 2011 година или светлосиниот џемпер како поддршка за Украина во 2022 година), изборот на француската модна куќа – и тоа за првпат – укажа на поголема подготвеност да ја прифати високата мода со големо „М“, барем за одредени, високо профилирани настани.
Во многу аспекти, очигледната симболика во нејзините државнички изгледи стоеше во контраст со написот објавен во The Sunday Times во февруари, според кој Кенсингтонската палата наводно повеќе нема да објавува детали за нејзината облека (што, впрочем, никогаш не било строго правило). „Таа сака фокусот да биде на навистина важните прашања – луѓето и каузите што ги поддржува“, изјави извор за весникот. „Секако дека ќе има интерес за тоа што го носи принцезата, и таа го разбира тоа. Но, дали е неопходно официјално секогаш да се кажува што облекла? Не.“
Оваа изјава предизвика толкава јавна реакција, што Палатата подоцна се повлече, при што портпарол изјави за People дека коментарите не биле директно од принцезата и дека „нема промена во нашиот пристап кон споделувањето информации за облеката на нејзиното кралско височество“.
Сепак, извештајот ја отслика и другата страна од пристапот на Кејт кон модата – онаа што порачува: „Не гледајте во мене, туку во каузите што ги поддржувам.“ Токму затоа, со години таа се држи до еден вид кралска униформа – фустани-палта од Кетрин Вокер, кроеви од Alexander McQueen и костуми од Self-Portrait – и често ги повторува истите парчиња од својата гардероба.
Треба да се има предвид дека 2025 година е преодна година за Кејт на повеќе нивоа, по долгото повлекување од јавноста во текот на 2024 година, додека примаше хемотерапија поради дијагнозата со рак. Затоа е разбирливо што, при нејзиното враќање во јавниот живот на почетокот од годината, принцезата не сакала целото внимание да биде насочено кон неа и нејзината облека. По речиси 15 години како член на кралското семејство, Кејт и понатаму се чувствува најудобно во бретонска маичка со риги, омилените тесни фармерки и Barbour јакна.
Иако овие стилски елементи најверојатно ќе останат присутни и кога еден ден ќе стане кралица (впрочем, и кралицата Елизабета Втора беше препознатлива по својот неформален стил во Балморал), оваа година ни даде јасен увид во тоа како би можела да изгледа нејзината идната кралска гардероба. Очекувајте повеќе висока мода, богата симболика и наследен накит што достојно ќе ја заокружи таа улога.
Н.Т