Вулгарна изјава што ја потресе Франција: 343 жени ја тужат Брижит Макрон

Повеќе од 300 жени, поточно 343 — број со силна историска тежина во францускиот феминизам — поднесоа тужба против првата дама на Франција, Брижит Макрон, поради јавна навреда, објавија повеќе француски и меѓународни медиуми. Тужбата, поднесена од феминистички здруженија и активистки, доаѓа како реакција на изјава која, според тужителките, е навредлива, деградирачка и недостојна за јавна фигура со институционална улога. Брижит имено беше снимена како ги нарекува женските феминистички активистки кои протестираа на театарска претстава во Париз sales connes“, обично преведувано како „валкани ку*ки/глупави ку*ки!

Изборот на бројот 343 не е случаен. Тој директно се повикува на „Манифестот на 343“ од 1971 година, кога исто толку Французинки јавно признаа дека извршиле илегален абортус, со што го сменија текот на борбата за женските права во Франција. Со оваа симболика, тужителките сакаат да испратат порака дека, според нив, зборовите на Брижит Макрон претставуваат чекор назад во јавниот дискурс за родовата еднаквост.

Според адвокатите на тужителките, станува збор за „јавна навреда“, казниво дело според француското законодавство, особено кога доаѓа од личност со висок јавен и морален авторитет. Од кабинетот на првата дама, пак, следуваа изјави на жалење и објаснувања дека коментарот бил изваден од контекст, но тоа не ги запре правните чекори.

Брижит јавно излезе со извинување, но тоа беше формулирано на специфичен начин:

Таа рече дека жалета ако ги повредила жените – особено жртвите на насилство со својот коментар. Изјави дека нејзините изјави биле кажани во приватен контекст, дека сакала да го „опушти“ разговорот и дека не ги повлекува зборовите целосно, бидејќи ги сметала за израз на лично мислење во моментот. Таа истакна дека е сопруга на претседателот но и поединец кој може понекогаш да зборува „неадекватно“ кога е во приватна ситуација.

Не е единствениот правен спор: тужби и контратужби околу името на Брижит Макрон

Ова не е првпат името на Брижит Макрон да се најде во центарот на судска битка. Паралелно со оваа колективна тужба, таа заедно со францускиот претседател Емануел Макрон води меѓународна тужба за клевета против американската јавна личност и коментаторка Кендис Овенс.

Во тој случај, Макронови тврдат дека биле мета на долготрајна кампања на дезинформации и клевети, вклучително и лажни и навредливи тврдења за личниот и семејниот идентитет на првата дама. Тужбата е поднесена во САД и, според светските медиуми, се смета за редок обид на европски шеф на држава и негова сопруга правно да се спротивстават на глобалното ширење на онлајн конспирации.

Дополнително, Брижит Макрон и претходно била инволвирана во правни постапки против француски поединци и медиуми кои ширеле слични тврдења, при што дел од судските одлуки завршиле во нејзина корист.

Прва дама под постојан јавен и правен притисок

Со најновата тужба од 343 жени, Брижит Макрон се соочува со необична ситуација: од една страна настапува како тужител во борба против клевети и дезинформации, а од друга — како тужена во случај што ја отвора дебатата за одговорноста на јавните личности кон феминистичките и граѓанските движења.

Француските аналитичари оценуваат дека овие процеси не се само правни, туку и длабоко општествени и симболички, бидејќи ја допираат границата меѓу слободата на изразување, јавната одговорност и чувствителноста на родовите прашања во современа Франција.

Како ќе завршат овие случаи, допрва ќе одлучуваат судовите. Но едно е сигурно: името на првата дама веќе подолго време не е само протоколарна титула, туку центар на жестоки јавни, политички и правни дебати.

Н.Т