Некогаш беше само основа врз која се гради комбинацијата. Денес, здолништето повторно го презема главниот збор.
Мини, миди, макси, транспарентно или слоевито, од чипка, органза, тул, светкави текстури или пердуви.
Но, сега неговата должината е во споредна улога, главна е слоевитоста.


- Здолниште врз панталони.
- Транспарентен слој врз мини.
- Чипка што дискретно открива нога.
- Волуменозно макси со рамни машки чевли.
- Светкаво здолниште со едноставен горен дел.
- Пердуви под строг црн крој.
Правилата што некогаш ги знаевме како да исчезнуваат и токму затоа здолништето повторно изгледа интересно.

МИНИТО НЕ ИСЧЕЗНА — САМО ПОРАСНА
Мини здолништето одамна не мора да значи голи нозе и високи потпетици. Новата верзија може да се носи со дебели хулахопки, високи чизми, долг капут, блејзер или транспарентен слој што ја менува целата силуета.
Тоа е помалку буквално, а многу повеќе модно. И тука доаѓаме до прашањето што особено нè интересира во SWEET 40+: Постои ли возраст за мини здолниште?

Нашиот одговор е едноставен - не постои бројка по која жената мора да ја промени должината на здолништето.
Постои само начин на кој го носи. На 20 можеби со гола нога и висока потпетица, на 40 со oversized блејзер, на 50 со дебели, црни хулахопки и чизми, на 60 со фантастичен капут, рамни чевли и самодоверба која не се купува во продавница.
ТРАНСПАРЕНТНОСТА Е НОВАТА ИГРА
Чипката, органзата и тулот оваа сезона не мора да бидат романтични. Во комбинација со црно, кожа, строг крој или масивни обувки стануваат модерни и урбани. Токму контрастот е она што го прави изгледот актуелен:
- нежно + строго
- транспарентно + компактно
- женствено + машко
- вечерно + дневно.

А МАКСИТО?
Макси здолништето повеќе не е резервирано за свечени прилики. Носете го со кошула, со плетен елек, со краток блејзер, со мокасини или машки чевли.
Дури и најгламурозното здолниште може да изгледа кежуал кога остатокот од комбинацијата намерно ќе го „смириме“. Тоа е можеби и најинтересната порака на современата мода: Не прашувајте „дали ова оди со ова?“
Прашајте „како можам јас да го носам?“


И ако некогаш сме имале правила дека одредена должина, материјал или силуета „не е за нашите години“, можеби е време тие правила да ги оставиме во минатото. Здолништето нема возраст и стилот исто така.
← Претходен
