Жената мора да ја знае својата вредност – но никогаш не смее да ја кажува: 20 мудрости на единствената Шерон Стоун

Познато е дека Шерон Стоун има еден од највисоките коефициенти на интелигенција во Холивуд.

Иако денес е во својата седма деценија од животот, оваа извонредна актерка не го изгубила чувството за хумор, ниту пак способноста со неколку зборови да каже повеќе отколку што некои луѓе успеваат во цели книги.

Нејзините мисли, ставови и животни лекции често носат повеќе вистина и мудрост отколку советите на многу самопрогласени гуруа.

„Мислам дека уште во моментот кога се родив веќе имав четириесет години. Уште во основно училиште ги збунував сите со зрели прашања и барав зрели одговори.“

„Сакам да стареам. Тоа е мојата најголема цел. Пред осумнаесет години доживеав мозочен удар и затоа многу добро знам што значи достоинствено да старееш. Девет дена мозокот ми крвареше. Малкумина го преживуваат тоа, но јас успеав. По тоа повторно учев да одам, да читам и да пишувам. Тогаш сфатив колку е бесмислено да се зборува за брчките.“

„Вечната младост е мит. Не сакам да бидам безвременска убавица. Сакам да бидам жена која изгледа најдобро што може за своите години.“

„Не кријам дека пробав ботокс. И тоа повеќе од еднаш. Но навреме престанав, за да не се претворам во една од оние златни рипки со кои е преполн Холивуд. Поради ботоксот денес сите актерки почнуваат да личат една на друга. Јас сакам да останам тоа што сум. Сакам луѓето да видат жена зад која стојат години исполнет живот.“

„Ава Гарднер беше најубавата жена на светот. Зошто? Затоа што никогаш ништо не правеше со себе. Изгледаше како жена и никогаш не се обидуваше да изгледа како девојче.“

„Кога наполнив четириесет години, се затворив во бањата со чаша вино и си реков: Нема да излезам додека не почнам да се прифаќам токму таква каква што сум.“

„Во животот не е важно како паѓаш. Важно е како стануваш.“

„Ниту најскапата козметика, ниту најдобрата фризура не ја прават жената убава. Најубави и најинтересни се жените кои поминале низ подеми и падови.“

„Жените можат да глумат оргазам, а мажите можат да глумат врска.“

„Навистина убавата жена секогаш е љубезна кон другите жени и кон луѓето воопшто. Не ја интересираат ривалства, интриги и подлости.“

„Ако си паметна, ќе бидеш и убава. Нема грди луѓе. Некој е убав како роза, некој како кактус.“

„Луѓето се плашат од промени затоа што мислат дека ќе изгубат нешто. Забораваат дека со промените можат да добијат и многу нови работи.“

„Еден ден девојките самите стануваат мажите за кои некогаш сонувале да се омажат.“

„Кога станав будистка, сфатив дека човекот го измислил срамот. Во природата нема срам. Тој е само начин за манипулација со луѓето.“

„Жената мора да ја знае својата вредност – но никогаш не смее да ја кажува.“

„Смртта повеќе пати ми затропа на вратата, но јас никогаш не ѝ отворив. Таа ме научи поинаку да живеам. Тоа тропање ме разбуди.“

„Во светот никогаш нема да постои апсолутна хармонија и мир, но тие можат да постојат во твојата глава.“

„На 58 години сфатив дека убавината доаѓа одвнатре. За да останеш убава, треба секој ден да го правиш она што навистина го сакаш. Јас, на пример, не можам да го замислам животот без танцување и танцувам сè додека не се изморам целосно.“

„Подобро е да бидеш сосема сама отколку да се чувствуваш осамено покрај погрешна личност.“

„Секоја ѕвезда мора да има пријатели кои ја познавале уште пред славата. За да има кој да ја спушти на земја. Затоа што секоја ѕвезда е само човек, исто како и секој друг на овој свет.“

Н.Т