Зошто стилот на Џејн Биркин е безвременска инспирација

Постојат жени чии комбинации се паметат по една сезона, а потоа има и такви чиј стил продолжува да инспирира децении подоцна. Џејн Биркин припаѓа на втората група.

 Начинот на кој ги носеше фармерките, белите кошули, едноставните маици и плетените корпи и денес служи како инспирација.


Биркин беше британска актерка и пејачка која стана една од најпрепознатливите фигури на француската култура и стил. 

Не се облекуваше премногу „совршено“

Можеби токму тука се крие најголемата лекција од нејзиниот стил. Биркин ретко изгледаше како да поминала часови обидувајќи се секој детал да биде беспрекорен. Во нејзиниот гардеробер се појавуваа фармерки со разни кроеви, едноставни маици и кошули, кратки или лесни фустани, плетени корпи и рамни чевли. 


Фармерки + бела кошула=комбинација што не старее

Една од наједноставните комбинации поврзани со Биркин е токму онаа која и денес лесно може да се преслика: фармерки и бела кошула. Интересно е што ова не останало само како фотографија од минатото. Во 2021 година, на Канскиот филмски фестивал, 74-годишната Биркин се појави во широка, бела кошула, фармерки и црни Converse патики. Тоа покажува дека нејзиниот стил не зависел од тоа да изгледа младешки, туку од тоа да изгледа како самата себе.


Корпата стана дел од нејзиниот потпис

Пред воопшто да стане поврзана со луксузната чанта која го носи нејзиното име, Биркин често носела обична плетена корпа. Самата Биркин во интервју за Vogue раскажала дека ја купила својата корпа во Португалија и дека со неа одела дури и на места каде што традиционално би се очекувала поформална чанта. Таа не ја третирала како луксузен моден предмет, туку како практичен дел од својот секојдневен стил.


Стилска мешавина од женственост и лежерност

Биркин можела да носи краток фустан, фармерки, проѕирен фустан или машка кошула, без нејзиниот изглед да изгуби препознатливост. Во 60-те и 70-те носела и многу похрабри комбинации, додека подоцна нејзиниот стил станал посмирен и попокриен. Сепак, основното чувство на лежерност останало исто. Тоа е причината поради која нејзиниот стил тешко може да се сведе на една конкретна силуета или тренд. Станува збор повеќе за став кон облекувањето отколку за список на парчиња.


И самата не го сфаќала стилот премногу сериозно

Во интервју за Vogue, Биркин зборувала за својот однос кон облеката и опишала како во одреден период носела многу шминка и кратки фустани инспирирани од ерата на Мери Квант, а подоцна постепено се приближила до поприродниот изглед по кој денес најмногу ја паметиме. Можеби највредната нејзината лекција е дека стилот не мора да биде совршен за да биде запаметен.


Од обична корпа до најпознатата чанта

Приказната за Биркин не може да се раскаже без Hermès. Според официјалниот бренд, во 1984 година Џејн Биркин седела покрај Жан Луј Дума тогашниот претседател на Hermès, на лет од Париз до Лондон. Таа зборувала за тоа дека не може да најде доволно практична чанта за потребите на една млада мајка, а Дума потоа ја скицирал чантата што ќе стане Birkin.


Што можеме да научиме од неа?

Не мора да имате гардеробер полн со дизајнерски парчиња за да создадете препознатлив стил. Биркин покажува дека белата кошула, добро избраните фармерки, едноставниот фустан, рамните чевли и една впечатлива, но лична чанта можат да бидат доволни.

Најважно е парчињата да изгледаат како дел од вас, а не како костим кој само го следи моменталниот тренд.