За гламурозното bridal show на ЕЛЕНА ЛУКА: Импресиите и воодушевувањата на гостите

ЕЛЕНА ЛУКА, нашиот етаблиран моден бренд, на 26-ти јуни имаше гламурозно претставување на својата најнова bridal колекција во евент центарот на Цар Самуил, струмичко. Брендот, со спектакуларно bridal show ги воодушеви присутните гости со скроената бајка од 70-тина прекрасни венчаници, а атмосферата беше совршено дефинирана и со изведбите на наши докажани музички ѕвезди.

На наше големо задоволство, ја имавме честа да разговараме со дамата која е творецот и водилка на брендот, ЕЛЕНА ЛУКА:

“Навистина сум презадоволна од она што го видовме вечерва. Подготовките беа комплексни со едно специфично сценарио, така што освен предобар дизајнерски тим којшто ги дизајнираше овие венчаници во секоја смисла со квалитетни материјали, презентацијата ја направивме на еден уникатен начин. Во целата организација учествуваше еден сериозен тим, во кој имаше големи уметници, музичари, новинари, водители, а сето тоа се случи во преубавиот Цар Самуил, како едно место каде што продолжува традицијата да се прават најдобрите семејни веселби.” – истакна таа.

“Тајната на успехот е континуирана работа, многу креација, сериозна едукација во тоа што го работите и оригинална идеја на една будна муза со постојано творење. Успехот секако се должи и на сериозна едукација во техничката изведба на моделите, технолошки напредок во смисла познавање на материјалите коишто се имплементираат во самите модели, уникатната идеја којашто подразбира доста креативност, нови форми, функционална облека и сериозна и уникатна естетика и сметам дека сето тоа ја оддели ЕЛЕНА ЛУКА од сите други брендови коишто твореа во Македонија. Нескромно ќе кажам дека едноставно го зачувавме првото место.” – ни ги сподели таа своите емоции и гледишта за успесите на модниот бренд.

Говорејќи, пак, за евент центарот на Цар Самуил, го продолживме разговорот во контекст на значењето и намената на истиот:

“Евент центарот не е новитет, Цар Самуил со оваа сала постои од 80-тите години, но сега доби еден сосема нов изглед и после долги години се направи една огромна инвестиција со реновирање на просторот, пропратено со најнова технологија, со ефекти и можности за реализација на различни настани, од семејни веселби до најразлични професионални и бизнис евенти коишто може одлично да се изработат со сериозна логистика и поддршка од комплетниот тим на Цар Самуил.”– ни раскажа г-ѓа Елена за услугите и можностите кои ги нуди евент центарот на Цар Самуил.

Навраќајќи се на модниот бренд ЕЛЕНА ЛУКА, и што може да очекуваме следно од нив, таа ни сподели:

“ЕЛЕНА ЛУКА е бренд којшто постојано твори со неколку колекции паралелно и во различни правци, работиме bridal колекции како оваа што вечерва ја видовте, но работиме и ready-to-wear луксузна колекција, а особено сме познати и по custom работата, односно модели по нарачка за најразлични пригоди за нашите постојани клиенти. Тие модели ги работиме комплетно со наш материјал, идеја и реализација во функција на нашите клиенти и со тоа им нудиме уникатни и неповторливи модели. Би кажала дека сите линии се секогаш активни и секој месец имаме нешто ново, затоа што модата во последно време е посебно брза. ЕЛЕНА ЛУКА работи со полно темпо и секогаш им нуди на своите клиенти нови форми, бои и убавина.” – ни изјави г-ѓа Елена.

Имавме можност да поразговараме и со многумина од ценетите гости, водителите на настанот, музичките гости, пријателите на ЕЛЕНА ЛУКА и дел од тимот, пред и после завршувањето на настанот.

“Посебно задоволство и посебна чест ми е што ми е дадена ваква привилегија да присуствувам на еден ваков гламурозен настан. Морам да признаам дека не сум била дел од вакво модно шоу и посебно не сум била дел од една ваква модна креација, и за мене е ова голем предизвик затоа што излегов од својата зона на комфор, на одела, на строгост, на сакоа и облеков една ваква прекрасна креација со која ќе можам да парирам на сите оние преубави венчаници и се надевам дека обврската ќе ја завршиме на ниво со мојот колега водител.” – ни сподели Снеже Велков пред самиот почеток на шоуто, на кое заедно со Марко Марк се појавија како водители.

Своите убави зборови за ЕЛЕНА ЛУКА ни ги сподели и Марко.

“ЕЛЕНА ЛУКА е сама по себе еден бренд и институција и на тој бренд не му е потребна конкретна комерцијална реклама, бидејќи најдобрата реклама секојпат ја добива од публиката. Овие две децении ЕЛЕНА ЛУКА испиша историја, и ова јадро тука во Цар Самуил вечерва само го покажува тој еволутивен пат, така што мене ми е драго што сум дел од тој мозаик на многу голем број луѓе, клиенти, соработници и многубројни релации којшто ги создава катадневно. Ова нека биде уште едно ново поглавје и ќе им посакам нова табула раса на целата екипа на ЕЛЕНА ЛУКА.”

Имавме можност да поразговараме и со Иван Наумовски, оперски пејач, кој вечерта ја збогати со моќен перформанс.

“Искрен да бидам, ваква професионалност каква што видов од организаторите на овој проект и од најглавниот ешалон, од самата Елена, навистина е на високо завидно ниво во Македонија и треба сите евенти да бидат организирани на тоа ниво. Исто така, би споменал дека јас бев веќе еднаш на ревија во ЕЛЕНА ЛУКА Тетово и многу убаво си поминав, иако не изведував ништо тогаш и бев само гостин, но еве вечерва и како гостин и како изведувач и можам да кажам дека ми е голема чест што сум дел од едни прекрасни луѓе и еден прекрасен проект и не се сомневам дека ќе помине најдобро.” – ни изјави Иван.

Меѓу присутните гости на црвениот тепих пред почетокот на bridal show-то ја забележавме и Дани Димитровска.

“Отсекогаш сум го зборела истото, а тоа е дека оваа соработка ми е една од поубавите, поемотивните и најпрофесионалните до сега, и покрај тоа што ми е пријател, нашата соработка е секогаш на врвно ниво, секогаш сум задоволна од тоа што ќе го сработиме и нема ништо поубаво од едно такво искуство, посебно во мојата професија. Не ми е првпат да присуствуам на нејзина ревија, очекувам да има преубави модели, очекувам да биде забавно, интересно, и да видиме нешто што не сме виделе до сега.” – ни истакна Дани за соработката и пријателството со ЕЛЕНА ЛУКА.

Ја имавме честа да поразговараме и со Васка Леонтиќ која како секогаш со задоволство говори за ЕЛЕНА ЛУКА.

“Елена секогаш нѐ изненадува со нешто посебно и ново, таа е дама која секогаш има иновативни идеи и нови креации, и очекувам дека ова вечерва ќе биде огромен спектакл. Кога толку многу луѓе се собравме и дојдовме од цела Македонија и од другите краишта, тоа кажува сѐ – колку е таа способна и вредна да нѐ собере сите на едно место и да нѐ изненади со посебни креации. Верувам дека ќе има многу убави креации, не само за возрасни, туку и за деца и мислам дека ќе биде преубаво, како што е и самиот хотел и амбиентот и дека сето тоа ќе биде на едно посебно ниво.” – ни изјави г-ѓа Леонтиќ.

Својата радост пред почетокот на настанот, ни ја сподели и Милица Трпковска, доктор специјалист во Цар Самуил:

“Ќе уживам и јас како и сите гости во модните креации коишто досега се со докажан бренд, се надевам сите ќе си поминеме многу добро и ќе добиеме соодветни идеи за нашите идни свадби.” – ни сподели Милица.

Сузана Трпковска, пак, продуцент, ни истакна:

“Очекувам дека ќе биде прекрасна гала забава со оглед на организацијата и дека ќе ги надмине стандардите во нашата држава.”

На оваа спектакуларна модна вечер што ја приреди ЕЛЕНА ЛУКА присуствуваше и градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов со кого имавме можност да поразговараме на коктел-забавата.

“Навистина сме почестени што во Струмица после подолг период од првата ревија на ЕЛЕНА ЛУКА, односно после 10-тина и повеќе години, повторно моделите продефилираа на чест и задоволство на струмичани и струмичанки, а секако и на моја чест. Навистина беше прекрасно и гламурозно, со преубави музички точки, со преубав коктел и навистина посакувам да ни се множат таквите амбициозни луѓе коишто се горди со Струмица и сакаат да направат некоја додадена вредност на струмичкото секојдневие, а тоа е навистина потребно.” – ни изјави г-дин Костадинов.

Со свој воодушевувачки перформанс, како дел од изведувачите-гости беше и Дешира Ахмети-Крлиу, истакната оперска пејачка.

“Беше многу убава, магична вечер, а јас првпат настапувам во Струмица и првпат сум тука воопшто. Градот е прекрасен со прекрасни луѓе, а вечерва е со многу убава атмосфера. Уживав и дадов сѐ од себе и мислам дека и публиката го чувствуваше тоа. Посакувам многу успеси за прекрасната ЕЛЕНА ЛУКА. Јас вечерва носам нејзина креација и сум носела на неколку настапи во Македонската опера и балет, а ќе носам и во Њујорк затоа што таму живеам последниве неколку години и ќе ја презентирам ЕЛЕНА ЛУКА и во Њујорк на моите настапи.” – ни сподели таа.

Меѓу гостите беше и новинарката Сузана Мицева која нескромно ни ги сподели своите впечатоци:

“Пред сѐ морам да кажам дека она што најмногу ми остави впечаток, покрај прекрасните венчаници и девојките коишто носеа една аура околу себе, беше атмосферата, една добра, пријателска, добронамерна околина во којашто ние пред сѐ можевме да видиме луѓе коишто се почитуваат и можевме да го видиме она што ние како струмичани го сведочиме повеќе од деценија. ЕЛЕНА ЛУКА е бренд којшто се грижи за заедницата и бренд којшто секогаш ги почитува не само корените туку знае да посвети време и внимание на вредности коишто засекогаш ќе нѐ врзуваат – семејството, заедничкото споделено време, така што сметам дека многу соодветно на оваа ревија и на овој амбиент е токму она што ни се случува вечерва со ЕЛЕНА ЛУКА.” – ни ги сподели своите гледишта за брендот таа.

Присутна беше и Ана Витанова – Рингачева, професорка по македонски јазик и книжевност, која исто така беше воодушевена.

“Уживавме вечерва во еден прекрасен амбиент каде сите уметности беа на едно место, убавината пред сѐ – женската убавина, креативноста се разбира – преку преубавите венчаници што ги носеа девојките, самата атмосфера на хотелот и на евент центарот на Цар Самуил и се разбира музиката којашто едноставно целосно се слеа со убавината. Она што мене искрено многу ме радува е тоа што ЕЛЕНА ЛУКА веќе на некој начин станува синоним за Струмица или Струмица станува синоним за ЕЛЕНА ЛУКА и ние искрено како жени од Струмица си ја чувствуваме ЕЛЕНА ЛУКА како своја и брендот едноставно се врза за градот и ние со него и беше задоволство да се биде тука.” – изјави таа.

Помеѓу гостите беше и Дунавка Трифуновска, истакнат модел на нашите простори.

“Многу сум среќна што ја затвораме успешно сезоната, многу сум среќна што модата излезе од еден темен тунел што го донесе ковидот и доживеа една своја ренесанса, и најмногу од сѐ сум среќна што младите девојки ја сакаат модата и сакаат да бидат модерни и да бидат ЕЛЕНА ЛУКА. Мислам дека тоа е најголемиот успех во овие 15 години – секоја млада девојка и секоја жена да се препознае во брендот ЕЛЕНА ЛУКА бидејќи тоа беше и целта на приказната којашто почна пред 15 години. Нашиот народ многу тешко и не така наивно ги прифаќа новите работи и новите трендови и мислам дека најголемиот успех на брендот е тоа што сите го чувствуваат како свој.” – ни сподели Дунавка.

Поразговараме и со дел од тимот на ЕЛЕНА ЛУКА, кои беа пресреќни од она како произлегол настанот.

“Ова е една од ретките или првата ваква ревија. Најкомплицираниот дел од организацијата не се техничките работи, туку луѓето, и многу ми се допадна како целиот тим изработи сѐ како што треба и ми се допаѓа едноставно целиот производ. Благодарам апсолутно на целиот тим, на сите што се вложија безрезервно, им благодарам на сите што дојдоа и на сите што ги кажаа најубавите зборови што за нас е најголемата награда.” – ни сподели Нина Јанева – Николовски, советник за маркетинг и бизнис развој во ЕЛЕНА ЛУКА.

И Небојша Антиќ, маркетинг и креативен директор во ЕЛЕНА ЛУКА со голема радост ни ги сподели своите емоции за слученото.

“Чест ми е посебно за оваа ревија бидејќи се случува по желба на нашата директорка токму во нејзиниот роден град Струмица и за нас има големо значење. Исто така, ова е една огромна ревија после големото шоу во Тетово кое траеше неколку часа. Имавме многу кратко време за организација каде што се сплотија тимовите од ЕЛЕНА ЛУКА Струмица, ЕЛЕНА ЛУКА Тетово и ЕЛЕНА ЛУКА Скопје и го направивме ова вечерва, оваа магија и пресреќен сум за тоа што како маркетинг директор на оваа фирма го споив тој тим за сето ова да изгледа прекрасно како што изгледа. Честитки до Елена Пандева како директорка!” – ни сподели тој.

Разговаравме и со Горан Митров, којшто е менаџер на ателјето на ЕЛЕНА ЛУКА во Струмица.

“Сѐ уште сум под импресии од целата убавина што оваа вечер ја приредивме и ја видовме. Ова модно шоу беше огромен предизвик за нас како тим од ЕЛЕНА ЛУКА затоа што од идеја до реализација беше многу краток период и сметам дека приредивме една гламурозна вечер, едно уживање за публиката кое сум сигурен дека на територијата на Македонија до сега се нема случено, а верувам дека и пошироко никој нема организирано вакво модно шоу на венчаници. Големо благодарам на Fashionel кој секогаш бил дел од нашите модни настани на ЕЛЕНА ЛУКА, Fashionel секогаш бил дел од емоцијата што ЕЛЕНА ЛУКА ја споделува со јавноста и ви благодарам за цело внимание и цела поддршка . Благодарам и на публиката која беше присутна вечерва и на луѓето кои дојдоа од страна да ја гледаат ревијата, а салата беше преполна и мислам дека сите уживаа и сакаа уште. Елена Пандева е двигателот на целата приказна, секогаш било така и секогаш ќе биде така. Елена Пандева е една жена визионер којашто јас просто ја обожавам. Ние 10 години работиме заедно и нејзината енергија нѐ полни сите со позитивна вибрација и ни дава сила да успееме во сето она што ќе го зацртаме.” – ни изјави Горан.

Во продолжение погледнете го видеото со импресиите од гостите

 

No Comments Yet

Leave a Reply

Your email address will not be published.