
Патриција Реџани, жената која поради нарачаното убиство на поранешниот сопруг Маурицио Гучи стана позната како „Црната вдовица“, би можела да наследи имот вреден повеќе од 20 милиони евра
Во неверојатен судски пресврт што потсетува на сценарио од холивудски трилер, Патриција Реџани, озлогласената „Црна вдовица“ на италијанската висока мода, е на чекор до наследување богатство проценето на повеќе од 20 милиони евра. Судот во Милано ја прогласи за фалсификувана тестаментарната волја на нејзината мајка Силвана Барбиери, а клучен доказ била тајна аудиоснимка што со години ја чувала семејната помошничка. Одлуката отвора ново, бизарно поглавје во мрачната сага за љубовта, алчноста и убиството што ја потресе династијата Гучи.
Приказната на Патриција Реџани започнува како бајка. Родена како Патриција Мартинели во 1948 година, во скромни услови, нејзиниот живот драстично се менува кога нејзината мајка, која работела како келнерка, се омажува за богатиот претприемач Фердинандо Реџани. Тој ја посвојува и ја воведува во светот на луксузот. Како млада девојка, навикната на крзна и брзи автомобили, таа се движела во елитните милански кругови, каде што во 1970 година, на една забава, го запознала Маурицио Гучи, наследникот на славната модна куќа.
„Го запознав Маурицио на една забава и тој лудо се вљуби во мене. Бев возбудлива и поинаква“, се присетила години подоцна.
И покрај остриот отпор на таткото на Маурицио, Родолфо Гучи, кој ја сметал за „општествена немилосрдна жена на која единствено ѝ е се важни парите“, двојката се венчала во 1972 година. Набргу станале еден од најгламурозните парови на своето време. Се преселиле во Њујорк, во луксузен пентхаус во „Олимпик Тауер“, кој на крајот им го подарил Родолфо. Биле неизбежен дел од високото друштво, се дружеле со Жаклин Кенеди Оназис, а низ Менхетен се возеле во автомобил со персонализирана регистарска табличка „Mauizia“. Патриција, која медиумите ја нарекувале „Лејди Гучи“, уживала во раскошот, организирала екстравагантни забави и останала запаметена по изјавата:
„Повеќе би сакала да плачам во Ролс-Ројс отколку да бидам среќна на велосипед.“
Идилата траела до средината на осумдесеттите години. По смртта на неговиот татко Родолфо во 1983 година, Маурицио наследил 50 проценти од компанијата и, според зборовите на Патриција, „полудел“. Почнал да ја исклучува од деловните одлуки, иако дотогаш таа била негов главен советник. Бракот постепено почнал да се распаѓа. Во 1985 година Маурицио ѝ рекол дека заминува на кратко службено патување во Фиренца. Веќе следниот ден испратил пријател да ѝ соопшти дека нема да се врати и дека нивниот брак е завршен.
Следувале години на борба. Маурицио започнал врска со помладата Паола Франки, додека компанијата под негово водство бележела милионски загуби. Неговите деловни одлуки, кои Патриција ги сметала за катастрофални, кулминирале во 1993 година со продажбата на семејната империја на инвестициската банка „Инвесткорп“ за 120 милиони долари.
„Бев бесна на Маурицио поради многу работи. Но најмногу поради ова. Губењето на семејниот бизнис. Тоа беше глупав потег. Тоа беше неуспех. Бев исполнета со гнев, но не можев ништо да направам“, изјавила таа за „Гардијан“ во 2016 година.
Разводот бил финализиран во 1994 година. Патриција со презир ја одбила понудената спогодба од 2,5 милиони евра и годишна алиментација од 650.000 евра. На крајот успеала да договори годишна исплата од 1,47 милиони долари. Сепак, го загубила правото да го користи презимето Гучи, што, според нејзините пријатели, ја погодило повеќе од самиот развод. И покрај тоа, продолжила да се претставува како Гучи, велејќи:
„Сè уште се чувствувам како Гучи – всушност, најмногу Гучи од сите.“
Утрото на 27 март 1995 година, една година по разводот, 46-годишниот Маурицио Гучи пристигнал во својата канцеларија на улицата Виа Палестро во Милано. Додека се качувал по скалите, му пришол платен убиец и испукал три куршуми во грбот и еден во главата. Единствениот сведок бил портирот на зградата, Џузепе Онорато.
„Видов рака. Беше убава, чиста рака што држеше пиштол“, раскажал Онорато, кој и самиот бил ранет со два куршума во раката додека убиецот бегал.
„Господинот Гучи ми почина во прегратките.“
Истрагата речиси две години тапкала во место. Патриција била меѓу осомничените, но немало докази. Помалку од три часа по убиството испратила судски налог за иселување на Паола Франки од станот во кој живеела со Маурицио. Во својот дневник од марката „Картиер“, на денот на убиството, запишала само еден збор: „Парадеисос“ – грчки збор за рај.
Пресвртот дошол во јануари 1997 година, кога полицијата добила анонимна дојава. Наскоро била покрената тајна операција што довела до апсење на Патриција и нејзините четворица соучесници: нејзината најдобра пријателка и самопрогласена јасновидка Пина Ауриема, која посредувала во злосторството, сопственикот на пицерија Бенедето Черауло како извршител на убиството, како и возачот и организаторот на акцијата.
Судењето прераснало во медиумски спектакл. Обвинителството тврдеше дека мотивот бил мешавина од љубомора, пари и огорченост. Патриција стравувала дека евентуалниот брак на Маурицио со Паола Франки ќе ја преполови нејзината алиментација и ќе го загрози наследството на нивните ќерки. Одбраната, пак, тврдеше дека по операцијата на тумор на мозокот во 1992 година таа била психички нестабилна и дека Пина Ауриема ја уценувала. Сепак, била прогласена за виновна за нарачување на убиството и осудена на 29 години затвор, казна што подоцна била намалена на 26 години.
Во затворот Сан Виторе, кој таа го нарекувала „резиденција Виторе“, поминала 18 години. Таму се обидела да изврши самоубиство, а дури ѝ било дозволено како миленик да чува твор по име Бамби. Кога во 2011 година ѝ било понудено предвремено ослободување под услов да пронајде работа, таа одбила со легендарната изјава:
„Никогаш во животот не сум работела и сигурно нема да почнам сега.“
На слобода била пуштена во 2016 година поради добро однесување. Нејзиното враќање во јавноста било театрално – била фотографирана како шета по најлуксузната миланска улица Виа Монте Наполеоне со голем папагал ара на рамото. Кога телевизиска екипа ја прашала зошто ангажирала платен убиец наместо самата да пука во Маурицио, ладнокрвно одговорила:
„Видот не ми е баш најдобар. Не сакав да промашам.“
Подоцна се вработила како консултант за дизајн во компанијата за накит „Бозарт“. Но односите со нејзините ќерки, Алесандра и Алегра, кои го наследиле богатството на татко им, значително се влошиле и тие ја лишиле од финансиска поддршка. Сепак, во 2017 година судот ѝ признал право на годишна рента од имотот на Маурицио, како и на заостанати исплати што надминале 20 милиони долари.
Последниот и најневеројатен пресврт се случил деновиве во Милано. Тестаментот на нејзината мајка Силвана, која починала во 2019 година на 90-годишна возраст, бил поништен. Според него, имотот – кој опфаќа комплекс недвижности вреден 14 милиони евра и дополнителни четири милиони евра во хартии од вредност – требало да ѝ припадне на фондација, а не на нејзината ќерка, наводно поради стравот дека Патриција ќе го потроши целото богатство.
Но, аудиоснимката што ја направила семејната помошничка за време на составувањето на тестаментот во болница открила бројни неправилности. Судот утврдил дека околностите наведени во нотарскиот акт не одговараат на вистинската состојба и затоа тестаментот бил прогласен за неважечки. Иако фондацијата поднела жалба, пресудата го отвора патот Патриција Реџани, како единствен наследник, да го преземе целокупното семејно богатство.