Наместо да се откаже од визуелниот јазик по кој е препознатлив, брендот го зема сопственото минато и го третира како материјал што може повторно да се обработи
За пролет/лето 2027, ETRO на тековната модна недела Милано повторно се навраќа кон своите препознатливи бохо-кодови, но овојпат ги прикажува низ полесна, посуптилна и многу пофлуидна призма.
Наместо да се потпира на очекуваната раскошност, италијанската модна куќа ја „замаглува“ сопствената естетика и создава колекција која изгледа како да е избледена од сонцето, ветерот и долгите летни денови.

Препознатливите paisley мотиви се појавуваат во неочекувано нежна форма, заматени, избледени и како намерно да ја изгубиле интензивноста на оригиналниот принт. На моменти се сведени само на фрагменти, налик на парчиња од стар текстил што останале изложени на силното летно сонце.

И палетата ја следи истата трансформација. Колекцијата започнува со пудерести и телесни нијанси и топли жолти тонови, преминува во посвежи сини и зелени, а потоа постепено станува подлабока, со бордо, кафеава и црна боја.

Силуетите ја продолжуваат приказната за движењето. Воздушни фустани, проѕирни слоеви, реси кои се нишаат при секој чекор и кратки должини кои се претвораат во подолги шлепови создаваат чувство дека облеката е во постојано движење.
Но, ETRO не дозволува целата колекција да остане во доменот на романтичната леснотија. Контрастот доаѓа преку тесни панталони и прецизно кроени парчиња, внесувајќи структура во флуидниот свет на колекцијата.

Суед јакните, тексас-моделите, гладијаторските сандали, балетанките и опуштените бохо чанти дополнително ја заземјуваат приказната и ѝ даваат современа, нослива димензија.
Но, можеби најинтересниот момент кај оваа колекција е начинот на кој ETRO се однесува кон сопственото наследство.

Наместо да се откаже од визуелниот јазик по кој е препознатлив, брендот го зема сопственото минато и го третира како материјал што може повторно да се обработи – да се замагли, да се преклопи, да се фрагментира и повторно да се состави.

Резултатот е ETRO кој сè уште е препознатлив, но повеќе не се обидува да ја повтори сопствената историја. Тој ја користи историјата за да создаде нова верзија на бохо естетиката – полесна, послободна и значително посовремена.