Милано го враќа апетитот за спектакл: Роберто Кавали брилираше

Главната порака на колекцијата е многу поедноставна: време е модата повторно да се забавува

Архивскиот Роберто Кавали повторно доживува свој момент. Токму во периодот кога Миланската модна недела е во тек, естетиката на италијанскиот дизајнер од неговите најсмели години повторно се наметнува како силна инспирација.


На почетокот на месецов, ретка колекција на карактеристичните принтирани кожи од седумдесеттите на Кавали беше изложена и понудена на продажба во њујоршката vintage-продавница Reracked, додека на пазарот за препродажба во последно време повторно се појавуваат и парчиња од помладата, панкерска линија Just Cavalli од 2000-тите.


На оваа носталгија очигледно внимателно следи и актуелниот креативен директор на брендот, Фаусто Пуљизи. Во текот на петте години на чело на куќата, дизајнерот повремено се оддалечуваше од препознатливиот гламур на Кавали, но овојпат целосно се препушти на неговата најраскошна и најразиграна страна.


Анимал-принтовите, кадифените devoré техники и богатите везови добија клубска, помлада и бунтовна енергија. Ова беше колекција за девојките кои сакаат модата да се забележи.


Во фокусот беа одделните парчиња, мини здолништа, велосипедски шорцеви, халтер-топови, hot pants, камисоли со чипка и украсени фармерки со низок струк, над кои дискретно се појавуваа тенки танга-ремчиња.

Калеиодоскопот од принтови, бои и текстури беше особено впечатлив во сезона во која модните писти во голема мера се преплавени со црна, бела и беж.


„Размислувам за времето во кое живееме“, изјави Пуљизи зад сцената.

И токму тука се наоѓа суштината на колекцијата. По неколку години во кои доминираше естетиката на тивкиот луксуз и практичната гардероба, модната сцена повторно покажува желба за забава, гламур и облека која не се плаши да привлече внимание. Како што забележал еден од присутните од модната индустрија по ревијата на вечерата во миланскиот култен ресторан Bice: „Милано повторно се забавува.“


Како и обично, референтната листа на Пуљизи беше долга. Меѓу инспирациите се најдоа Кортни Лав и нејзиниот препознатлив гранџ-стил, култната серија Beverly Hills 90210, Зендаја, ремек-делото на Антонело да Месина кое своевремено беше украдено од сицилијански музеј, но и делото „Octavia’s Gaze“ на Тод Греј од колекцијата на LACMA.

Пуљизи го издвоил делото на Греј поради начинот на кој, според него, „ставува различни светови во дијалог“.


Но, сите овие референци остануваат во втор план. Главната порака на колекцијата е многу поедноставна: време е модата повторно да се забавува.

А во тоа, Пуљизи несомнено е во свој елемент. Наместо воздржаност, тој понуди принтови, кожа, мини должини, сексапил и раскош, токму она што со децении го правеше Роберто Кавали препознатлив на светската модна сцена.

Колекцијата е уште еден знак дека Милано, барем на модната писта, полека го враќа апетитот за спектакл.