Fashionel избор: Топ пет креации на познатите кои ја одбележаа 2025-та

На прагот на новата година Fashionel направи избор на најдобрите пет креации за 2025-та. И додека со нетрпение очекуваме што ќе ни донесе следната ги гледаме стајлинзите што ја одбележаа годинава што си оди.

Зендаја на годинешните Златни Глобуси, повторно го потврди својот статус на модна икона, појавувајќи се во впечатлив фустан на Луј Витон инспириран од златната ера на Холивуд. Креацијата се одликуваше со прецизно скроена силуета која ја нагласуваше нејзината грациозност, комбинирана со флуидно здолниште што додаваше драма и елеганција. Длабоката, луксузна нијанса и минималистичките детали ја истакнаа мајсторската изработка и софистицираниот карактер на фустанот. Со дискретен накит и класичен гламурозен стајлинг, Зендаја дозволи креацијата да биде во центарот на вниманието.

Кејт Бланшет на SAG наградите 2025 се појави во елегантен Армани Прајв фустан, кој зрачеше со безвременска софистицираност. Црната креација со прецизна силуета и длабоко V-деколте ја истакна нејзината природна грациозност, додека минималистичкиот пристап кон деталите му даде силен, драматичен ефект. Со дискретен накит и чист стајлинг, Бланшет уште еднаш покажа дека вистинската елеганција лежи во едноставноста и самодовербата.

На 97-те Oскари годинава, Селена Гомез го украде црвениот тепих во спектакуларен  фустан од Ралф Лорен, инспириран од големата Софија Лорен и старото холивудско гламурозно време. Нежно розовата креација се одликуваше со фино скроена силуета што ја истакнуваше фигурата. Здолништето пак, беше покриено со над 16.000 стаклени капки и кристали, рачно нанесени од тим од 12 мајстори, што создаваше неверојатен сјај и драматичен ефект при секој нејзин чекор.

На црвениот тепих на Златните Глобуси Зоe Салдана заблеска во креација од Сан Лоран. Актерката го сврте вниманието на сите во фустанот без прерамки “потопен” во богата чоколадно‑кафена нијанса, украсен со сјајни светки што рефлектираа светлина при секој чекор. Длабокото деколте и широка половина ја истакнаа елегантната силуета, додека дијамантскиот накит и штиклите во тон со фустанот додадоа класичен холивудски сјај.

На Мет Гала 2025, Ријана пристигна со спектакуларен и темен, но суптилно драматичен изглед. Целокупниот стајлинг беше комбинација од машки и женски елементи, класичен tailoring со современа естетика и лична изјава. Пејачката заблеска во креацијата на Марк Џејкобс, којшто за оваа прилика комбинираше кропиран блејзер од твид, боди од волна што ги истакнуваше градите и здолниште на риги со опашка. Широката шапка и полка-дот марамата само го дополнија совршениот стајлинг.