Фустани што носат дух на победата: ELENA LUKA и борбените жени против канцерот

Допира до секој до нас! Се одржа еден од најемотивните, највпечатливите и највеличенствените модни настани во Македонија- ревија која ја прослави храброста, победата и непоколебливиот дух на жените.

На модната писта застанаа 23 хероини, жени кои секојдневно ја водат или ја победиле битката со карциномот, и со секој чекор, секој поглед, секоја насмевка, покажаа дека вистинската убавина е непоколеблива и вечна.

И оваа година, ELENA LUKA, познатиот македонски моден бренд овде и интернационално беше главен покровител на модната ревија, во организација на здружението ХЕМА-ОНКО (здружение посветено на пациенти со рак и нивните негуватели), како и Жанет Маркушова, сопруга на поранешниот словачки амбасадор во Македонија која специјано допатува од Словачка и е иницијатор за овој и преходниот настан.

На настанот присуствуваше и Г-ѓа Елена Лука, сопственичка и генерален менаџер на ELENA LUKA GROUP, главната жена задолжена за фантастичните креации и личност која несебично помага, која е вистински пример за пријател и човек во вистинска смисла на зборот. Имаше силен говор пред присутните, не ја криеше возбудата од она што се случуваше на сцената, кажа дека е бескрајно среќна, но и дека сака сѐ помалку да има вакви модни ревии.

“За квалитетот на креациите ќе зборувате вие- покрај голема естетика јас видов една голема духовност, храброст, огромна сила, моделките достоинствено ги носеа моделите, ова е многу повеќе од ELENA LUKA бидејќи вечева овие жени дадоа карактер на нашиот моден бренд.
Ако вечерва се запрашаме кој најдобро го спознал значењето на животот – верувам дека тоа се овие жени затоа што ја спознаа вредноста на живеењето“, рече Елена Лука.

А, еве што изјави за FASHIONEL:

Во фустаните на ELENA LUKA, кои пленат со врвна изработка, уникатни детали и рачна прецизност, секоја од нив се преобрази во симбол на моќ, елеганција и самодоверба.

Секој модел беше создаден за да се слее со телото и енергијата на жената што го носи, откривајќи ја нејзината сила, достоинство и харизма. Богатите тоалети и костими, внимателно избраните материјали и уникатните конструкции не само што истакнаа фигура, туку ја одразија и нескршливата волја на нивните носителки.

Настанот не беше само модна ревија- тоа беше сцена на победата над предизвиците, платформа што ја слави секоја жена како хероина на својата приказна.

Со секој чекор, овие жени испраќаа порака дека борбата со болеста не е крај, туку почеток на нов живот полн со самодоверба, љубов и надеж.

ELENA LUKA уште еднаш потврди дека модата може да биде повеќе од стил, таа е сила, инспирација и чин на празнување на животот. Секој фустан, секој детаљ и секоја линија се сведоштво за талентот и посветеноста, создавајќи комбинација на гламур и висока мода што ја истакнува вистинската убавина на жената, не само надворешната, туку и внатрешната.

Настанот го водеше познатата водителка Ели Танасковска која со својата дикција, одмереност и нежност, секоја жена ја престави на најдобар можен начин.

Милица Кузмановска, потпретседател на здружението ХЕМА-ОНКО истакна дека најголемата убавина вечерта ја донесе ELENA LUKA со своите креации кои беспрекорно им стојат на жените и дека секоја од нив е посебна затоа што знае што значи вистинска болка, но и како да го цени животот.

Преку оваа ревија, многубројната публиката имаше можност да ја почувствува магијата на храброста. Аплаудираа гласно, стануваа со почит пред секоја жена која владееше на модната писта.

Жените што застанаа на сцената беа вистински победници, инспирација за сите, потсетување дека вистинската сила се гледа во насмевката, во погледот и во способноста да се продолжи со достоинство, дури и кога животот нуди најтешки предизвици.

Настанот го проследија и три сестри од манастирот Рајчица кои со своето присуство допринесоа за духовната страна, вербата и молитвата.

А, 23-те жени кои ја осветлија пистата се доказ дека храброста, убавината и самодовербата не познаваат граници.

Со ELENA LUKA, модната уметност се претвори во славење на животот и силата на жената, оставајќи траен впечаток за сите присутни и испраќајќи порака дека секоја победа, без разлика на предизвиците, заслужува да биде прославена.

Н.Т