Кога енергетската сиромаштија во Македонија ќе стане моден код

Постои еден неофицијален моден неделник што не се одржува на писти со рефлектори, туку во дневните соби на македонските домови секојпат кога температурата ќе падне под нулата (иако е лето, вреди да се подготвиме). Тоа...

Постои еден неофицијален моден неделник што не се одржува на писти со рефлектори, туку во дневните соби на македонските домови секојпат кога температурата ќе падне под нулата (иако е лето, вреди да се подготвиме).

Тоа е сезоната кога се вади „тешката артилерија“,  микро-колекцијата на македонската баба, изградена врз еден единствен, суров принцип или преживување на студот без да се пречекори прагот на евтината струја.

Додека светските модни куќи трошат милиони за да го дефинираат таканаречениот layering (слоевито облекување), македонското домаќинство со децении усовршува сопствена, интуитивна архитектура на облекување. Но, зад шарените плетени шари и слоевите волна не се крие обичен рурален фолклор, туку суровата слика за енергетската сиромаштија и длабоко вкоренетиот страв од сметките за струја.

Анатомија на зимскиот оклоп

Оваа домашна гардероба има своја строга, речиси инженерска хиерархија. Секој слој има конкретна термоизолациска функција и ниту едно парче не е избрано случајно.

Прв заштитен слој (Основата): Секогаш започнува со памучна поткошула пикната длабоко во долниот дел од гардеробата. Тука лежи митот за „крстот“, светиот центар на телото кој под никакви услови не смее да остане гол, бидејќи „таму фаќа промајата“.

Втор слој (Структурата): Врз памукот доаѓа фабрички џемпер од синтетика или волна, а преку него главниот штит, рачно плетениот елек. Ова е парче облека кое нема брендирана етикета, туку тежина. Направено е од сурова домашна волна која пецка, но според народната физиологија, токму тоа пецкање „ја поттикнува циркулацијата и ја држи крвта топла“.

Третиот слој (Херметичкото печатење): Долниот дел најчесто се состои од хеланки или тренерки пикнати директно во дебели, рачно штрикани волнени чорапи. Овој спој, панталони во чорапи е естетско табу за надворешниот свет, но внатре во куќата тоа е херметичка брана која не дозволува студениот воздух од подот да влезе под гардеробата.

Завршен слој (Функционален оклоп): Престилката (скутникот). Иако нејзината примарна намена е за готвење, во зимските месеци таа служи како уште еден дополнителен слој ткаенина што ги покрива стомакот и бутовите при седење до ладен ѕид или прозорец.

2. Заштита на „точките на истекување“

Македонската баба знае дека секој стар стан или куќа има топлински мостови, но знае и дека телото ги има истите. Поради тоа, микро-деталите се клучни за оваа естетика:

Главата: Шамијата врзана внатре во дневната соба не е само израз на традиција или скромност. Таа е директна заштита за ушите од струењето на воздухот низ ходниците и начин да се задржи телесната топлина која најбрзо се губи преку главата.

Стапалата: Плетените папучи. Во куќи каде што плочките или ламинатот се студени како мраз, оваа обувка не се собува буквално од утро до вечер, а во најстудените ноќи се носи и во кревет.

3. Психологија на жртвата: Термо-печка за гости, елек за домашните

Зад оваа естетика лежи една длабока, трагична психологија. Македонскиот домашен простор со децении функционира според ирационалниот парадокс: „Имаме печка-греалка- клима, ама ќе ја запалиме дури кога ќе дојдат гости“.

Облеката тука не е моден избор, туку замена за греење. Таа е директен одговор на пазарната економија каде што пензијата или платата не можат да го покријат греењето на целата куќа. Затоа, полесно е да се облече уште еден елек од 1988 година, отколку да се сврти рачката на греалката на „тројка“.

Истовремено, секое парче од овој аутфит е и емотивен архив. Елекот го исплетила некоја покојна тетка, џемперот е останат од синот што отишол во странство, а чорапите се донесени можеби од село. Тоа е „жив музеј“ на семејната историја облечен врз едно тело, каде што секој слој носи и спомен и функција.

4. Генерациски рефлекс: Како сите го носиме истиот оклоп

Најфасцинантниот момент во овој феномен е неговата транзиција низ генерациите. Иако младите генерации пораснаа со централно греење, клима-уреди и социјални мрежи, овој моден код не исчезна, тој само се трансформираше.

Во моментот кога ќе настапи редукција, дефект на парното или кога ќе пристигне декемвриската сметка за струја, младиот човек во Македонија го активира истиот потсвесен културен рефлекс. Се облекуваат преголеми дуксери врз маици, тренерките се пикаат во рошави чорапи, а на софите се појавуваат омилените ќебиња-наметки.

Ова е доказ дека „бабиниот оклоп“ не е само привремена маска на една генерација, туку наш колективен одбранбен механизам. Тој е потсетник дека во ова поднебје, модата дома никогаш не била прашање на суета или престиж, туку автентична, тивка уметност на преживувањето.

Небојша Толески