Четирите големи модни недели, Њујорк, Лондон, Милано и Париз повторно донесоа спектакуларни колекции, големи имиња и нови креативни насоки. Но, ако прашањето е кој бренд има најголеми шанси токму од овие нови колекции да извлече најголем комерцијален ефект, фаворит е Chanel за кој и преходно пишувавме, но тогаш во склоп на париската модна недела.
Причината е едноставна: Chanel во моментов има нешто што е исклучително вредно во луксузната индустрија – моментум.

Под раководството на Матије Блази, куќата не само што доби нов визуелен јазик, туку и повторно ја зголеми желбата на потрошувачите за брендот. Само неколку дена пред новата пролет/лето 2027 колекција, претседателот на модната дивизија на Chanel, Бруно Павловски, изјави дека креациите на Блази се продаваат исклучително добро, додека брендот веќе две последователни квартали е на врвот на Lyst Index, кој ја следи глобалната побарувачка и ангажираност околу модните брендови.

И бројките покажуваат колкава е силата на куќата. Chanel во 2025 година остварил 19,3 милијарди долари приходи, со раст од 2%, а оперативната добивка достигнала 4,71 милијарди долари.
Новата колекција на Блази за SS27 дополнително го засили впечатокот: повеќе боја, принтови, препознатливи Chanel кодови и облека со поголема желба за носење, токму комбинацијата што денес може да претвори моден успех во продажен успех. Vogue токму ова го идентификува како една од главните карактеристики на сезоната: колекциите кои создаваат желба веднаш да се купат имаат најголем комерцијален потенцијал.

Louis Vuitton останува огромен конкурент, особено по впечатливата SS27 ревија во Париз, додека Prada влегува во сезоната со исклучително силни финансиски резултати, групацијата во првата половина од 2026 година забележала раст на приходите од 16%.
Но ако треба да ставиме само еден на масата, тоа е Chanel.

Не затоа што има најгласна ревија, туку затоа што моментално има една од најсилните комбинации: култен бренд, огромна глобална клиентела, нова креативна енергија и колекција што има потенцијал да се претвори во реална продажба.

Фаворит за „кајмакот“ од сезоната: Chanel.