Модата најголем успех не е да направиш една прекрасна колекција
Многу модни приказни започнуваат како бајка. Завршуваат како бизнис. А токму меѓу тие две точки се крши најголемиот број дизајнерски соништа.
Во почетокот обично постои идејата. Колекцијата е замислена, скиците се подготвени, материјалите се избрани, се бара совршен крој, се создава визуелен идентитет, се организира ревија, се фотографира кампањата. Неколку денови модата изгледа токму онака како што изгледала во главата на дизајнерот.
Но потоа доаѓа моментот кога бајката треба да стане индустрија.

И токму тука започнува вистинската борба.
Македонската модна сцена со децении произведува автори, колекции, ревии и нови имиња. Понекогаш некој ќе се појави со исклучително силен залет, ќе привлече внимание, ќе создаде впечаток дека пред него се отвора сериозна кариера, а потоа, по неколку колекции, името едноставно исчезнува од сцената.
Не секогаш затоа што немало талент.
Понекогаш токму спротивното.
Колекцијата не е бренд
Една од најголемите заблуди во модата е дека успешната колекција автоматски значи и успешен бренд.
Не значи.
Колекцијата е авторски производ. Брендот е систем.

За една колекција може да биде доволна идејата, талентот, добриот тим и одреден буџет. За бренд кој треба да преживее со години потребни се многу повеќе работи како производство, квалитет, цени, продажна мрежа, маркетинг, финансиско планирање, логистика, препознатлив идентитет, континуирана комуникација со клиентите и, можеби најважно, способност да се произведе облека која луѓето навистина сакаат и можат да ја купат.
Модата е уметност, но модната индустрија е бизнис.
И таа разлика знае да биде немилосрдна.
Ревијата може да биде спектакл, но продажбата е тестот
Ревијата создава внимание. Продажбата покажува дали вниманието има реална вредност.
Тоа е моментот во кој многу млади дизајнери се соочуваат со најнепријатното прашање: Што се случува откако аплаузот ќе заврши?
Ако колекцијата е видена, фотографирана и објавена, но не се продава, проблемот не исчезнува со добрите критики.

Можеби дизајнот е премногу авангарден за локалниот пазар. Можеби цената е превисока во однос на она што клиентот го добива. Можеби материјалите се скапи, но крајниот производ не нуди доволно вредност. Можеби колекцијата е визуелно привлечна, но тешко нослива. Можеби брендот едноставно не стигнал до доволно купувачи.
А можеби проблемот е во сите овие нешта истовремено.
Затоа продажбата не треба да се гледа како нешто недостојно за дизајнерот. Во сериозната модна индустрија продажбата е еден од најважните показатели дека дизајнерската идеја успеала да комуницира со пазарот.

„Не ми купуваат“ не е секогаш доволно објаснување
Кога еден бренд не продава, најлесно е вината да се префрли на публиката.
Па велат „Луѓето немаат вкус.“ „Пазарот не ја разбира модата.“ „Клиентите сакаат само евтина облека.“
Да, понекогаш пазарот навистина е ограничен. Но професионалниот пристап бара да се постават и други прашања.
Како на пример дали дизајнот е доволно добар? Дали облеката е нослива?
Дали цената е реална? Дали материјалите се соодветни за ценовниот сегмент? Дали големините се добро поставени? Дали производот е достапен таму каде што клиентот очекува да го најде? Дали брендот знае кому му се обраќа?
И можеби најважното: дали постои стратегија?
Модниот бренд не може да се гради само од колекција до колекција.

Најскапата грешка е да се произведе облека што никој не ја купува
Во модата постои една многу едноставна, но сурова економска логика дека секое парче кое останува непродадено е вложен капитал кој стои.
Платени се материјалите. Платена е изработката. Платен е трудот. Платено е фотографирањето. Кампањата. Просторот. Промоцијата. Транспортот. Амбалажата.
Ако производот не се продаде, трошокот не исчезнува.
Се претвора во залиха.

Токму затоа неуспехот на една колекција може да биде многу поскап од неуспешната ревија. Ревијата завршува. Непродадената колекција останува.
Дизајнерот мора да биде и стратег
Ова е можеби најтешкиот дел од приказната за младите модни автори.
Човек може да биде извонреден во цртање, конструкција, избор на материјали или креирање силна естетика, а сепак да не знае како се гради компанија.

Тоа не е недостаток на талент. Тоа е недостаток на знаење во друга област.
Затоа сериозниот моден бренд бара повеќе од дизајнер. Потребни се луѓе кои разбираат производство, финансии, продажба, комуникации, дигитален маркетинг, односи со клиенти и развој на производ.
Во идеален случај, дизајнерот не мора лично да биде експерт за сè. Но мора да разбира дека сето тоа е дел од неговиот бренд.
Материјалот може да ја спаси, но и да ја уништи колекцијата
Посебна приказна е изборот на материјали.
Квалитетната ткаенина може да го подигне производот, но скапиот материјал сам по себе не создава луксуз.
Ако кројот не е добар, ако конструкцијата не функционира или ако финалната изработка не е на нивото на материјалот, клиентот нема причина да плати висока цена само затоа што на етикетата стои дека ткаенината е скапа.

Обратно, добро избраниот материјал, правилно употребен, може да овозможи одличен производ без непотребно зголемување на производната цена.
Тука се гледа разликата меѓу трошење пари и инвестирање во производ.
А потоа доаѓа најтешкиот противник- континуитетот
Една добра колекција може да биде случајност. Две можат да бидат доказ за талент. Но долгорочниот континуитет покажува дали зад името постои вистински систем.
Токму затоа модната историја е полна со имиња кои започнале спектакуларно, а не успеале да стигнат до својата петта, десетта или дваесетта година.
Не затоа што секогаш биле лоши.
Понекогаш биле премногу рано на пазарот. Понекогаш биле прескапи. Понекогаш немале доволно капитал. Понекогаш производството не можело да го следи дизајнерот. Понекогаш дизајнерот не знаел како да ја трансформира препознатливата естетика во производ што се продава.
А понекогаш едноставно немало доволно клиенти.

Мал пазар, големи очекувања
Македонскиот пазар има дополнителен проблем односно неговата големина природно ги ограничува можностите за обем на продажба.
Но мал пазар не значи дека е невозможно да се изгради сериозен бренд.
Значи дека стратегијата мора да биде попрецизна.
Дизајнерот мора да знае дали гради бренд за локален клиент, за регионален пазар, за дијаспората, за онлајн продажба или за специфична ниша. Мора да знае дали продава couture, ready-to-wear, bridal, occasion wear или производ со пониска ценовна точка.
Не може сите да бидат клиенти.
И токму обидот да се допадне на сите често резултира со бренд кој на крајот не е доволно препознатлив за никого.
Зошто некои согоруваат по неколку колекции?
Затоа што модата не простува долго време без резултат.
Дизајнерот вложува пари, време и енергија. Публиката очекува нова колекција. Медиумите очекуваат нова приказна. Клиентите очекуваат нов производ. А секоја следна колекција повторно бара капитал.
Ако приходот не може да го поддржи следниот циклус, приказната почнува да се гаси.
Тогаш се случува нешто што однадвор изгледа како ненадејно исчезнување, брендот престанува да објавува, нема нова колекција, нема ревија, нема кампања, нема залиха.
Но зад тоа најчесто стои многу подолг процес на финансиско и оперативно исцрпување.
Модниот свет знае да изгледа лесно однадвор затоа што јавноста ја гледа само завршната слика.
Не ја гледа сметката.
На македонската мода не ѝ недостигаат соништа. Ѝ требаат системи!
Можеби најголемиот проблем не е недостатокот на талент.
Македонската мода има автори со идеи, знаење и желба да создаваат. Проблемот е што преминот од дизајнер во бренд е многу потежок од преминот од скица во колекција.
Потребни се инвестиции, образование за моден бизнис, професионално производство, подобро планирање, реална проценка на пазарот и долгорочна стратегија.
И пред сè, потребно е да се прифати една непријатна вистина!
Не секоја добра идеја е добар производ. Не секој добар производ е добар бизнис. И не секој успешен дизајнер автоматски знае да изгради успешен бренд.
Токму затоа македонската модна приказна често има силен почеток, впечатлива прва глава и недовршен крај.
Следниот чекор не треба да биде уште една бајка за новиот дизајнер кој „ќе го освои светот“. Треба да биде многу посериозен. Да се научи како се преживува.
Зашто во модата најголем успех не е да направиш една прекрасна колекција.
Најголем успех е да направиш колекција, да ја продадеш, да ја финансираш следната и по десет години сè уште да бидеш тука.
Небојша Толески