Најскапата адреса во градот не секогаш значи и најдобро место за живеење. Во современото урбанизирање, атрактивната локација често станува маркетиншка илузија зад која се кријат лоша инфраструктура, пренатрупаност, неквалитетна градба, недостиг од зеленило и урбан хаос. Додека инвеститорите продаваат „елитен животен стил“, сè повеќе архитектонски и градежни анализи предупредуваат дека престижната локација не е гаранција за квалитетно домување.
Еден од најголемите проблеми е што најатрактивните градски зони обично се и најпренатрупани. Голем број нови станбени комплекси се градат на ограничен простор, со минимално растојание помеѓу објектите, недоволно природна светлина и слаб проток на воздух. Однадвор, зградите изгледаат модерно, стаклени фасади, лобија со мермер, декоративно осветлување, но зад таа естетика често се кријат тенки ѕидови, слаба звучна изолација и неквалитетни материјали.
Според анализи на ArchDaily, во многу глобални метрополи инвеститорите вложуваат повеќе во визуелниот впечаток отколку во конструктивниот квалитет. Таканаречената „Instagram architecture“ создава згради што изгледаат спектакуларно на фотографија, но не секогаш нудат функционално и удобно живеење.
Особено проблематична е инфраструктурата околу овие „премиум“ населби. Во многу случаи, цената на квадратот расте поради локацијата, а не поради реалниот квалитет на градбата. Становите се продаваат како луксузни затоа што се наоѓаат во центар, покрај шопинг зона или популарен булевар, иако околината страда од хроничен сообраќаен метеж, недостиг од паркинг, загадување и бучава.
Токму затоа, современата архитектура сè повеќе го поставува прашањето- што навистина значи добро живеење? Според The Architectural Review, квалитетен урбан простор денес не се мери само преку локација и цена, туку преку микроклима, пристап до зеленило, пешачка поврзаност, природна светлина, енергетска ефикасност и психолошко влијание врз жителите.
Во градови како Копенхаген, Виена и Амстердам урбанистите веќе со години се обидуваат да го намалат концептот на „престижна адреса“ и наместо тоа да создадат балансирани населби каде секојдневниот живот е полесен, поздрав и поодржлив. Таму, вредноста на недвижноста не ја создава само централната позиција, туку и квалитетот на јавниот простор, парковите, велосипедските патеки, училиштата и пристапот до услуги.
Спротивно на тоа, многу нови урбани комплекси во светот денес функционираат како визуелен спектакл без вистинска урбана логика. Архитектите предупредуваат дека градовите полека стануваат „сценографија за продажба“, каде фасадата е поважна од животот внатре во објектот.
И токму тука лежи најголемиот парадокс на модерното домување, најатрактивното место на мапата не секогаш е и најдоброто место за живот. Затоа, сè повеќе купувачи денес не прашуваат само „каде се наоѓа станот“, туку и „како навистина се живее таму“.
Н.Т
Во последните години, светските архитектонски магазини како Architectural Digest, Dezeen, ArchDaily и The Architectural Review сè почесто анализираат како многу урбани центри се претвораат во „визуелно луксузни, но функционално проблематични“ средини. Причината е едноставна, фокусот се става на атрактивноста и продажбата, а не на долгорочниот квалитет на живеење.