Пластика, неон и моден очај: што се случи со изгледите на Евровизија?

Првата полуфинална вечер на Eurovision Song Contest 2026 (Песна за Еворвизија 2026) која се одржа синоќа во Виена, уште еднаш покажа дека ова натпреварување сè повеќе наликува на мешавина од моден карневал, телевизиски спектакл и сценска пародија во која границата помеѓу креативност и визуелен хаос речиси целосно исчезна.

Синоќешната полуфинална вечер донесе настапи од 15 земји, а во големото финале што ќе се одржи на 16 мај се пласираа Грција, Финска, Белгија, Шведска, Молдавија, Израел, Србија, Хрватска, Литванија и Полска.

Второто полуфинале ќе се одржи на 14 мај, исто така во Wiener Stadthalle во Виена, додека големото финале е закажано за 16 мај.

Но иако музиката формално е во центарот на натпреварот, годинава визуелниот дел очигледно ја презеде главната улога и тоа не секогаш во позитивна смисла. Речиси сите делегации се обидоа да изгледаат „различно“, „поекстремно“ и „понаметливо“ од останатите.

Наместо внимателно изградени сценски приказни, публиката доби пренатрупани костими, агресивни LED ефекти, евтина футуристика, металик текстури, пластичен гламур и настапи што повеќе наликуваа на хаотични модни експерименти отколку на музички перформанс.

Првата полуфинална вечер вушност беше „болна за гледање“, визуелно нападни, хаотични и претерано театрални настапи. Дел од сценските концепти беа „визуелен вишок без суштина“, а некои настапи како класичен пример за евровизиски кич што ја задушува самата песна.

Имаше и моменти кога костимите и сценографија воопшто не комуницираат меѓусебно. Наместо концепт, сцената често изгледаше како натпревар кој може да биде погласен, пошарен и повизуелно агресивен.

Особено впечатлива беше потребата речиси секој настап да изгледа „поголем од животот“, огромни силуети, драматични наметки, неонски детали, синтетички материјали, футуристички оклопи и шминка што често повеќе потсетуваше на научнофантастичен филм од раните 2000-ти отколку на современ музички настап. Кај дел од изведувачите костимите буквално ја „изедоа“ песната, оставајќи впечаток дека визуелниот концепт бил поважен од музиката.

Шоуто изгледаше „евтино“, „преоптоварено“ модно и без естетска кохерентност, а кај одредени настапи сцената, светлото и костимите функционираа како три различни приказни.

Сепак, токму во тој визуелен метеж неколку земји успеаја да покажат дека Евровизија сепак може да изгледа концептуално и стилски осмислено. Најмногу внимание привлече хрватската група Лелек со песната „Андромеда“, чиј настап беше еден од ретките каде модата не изгледаше како случаен сценски реквизит за кој веќе пишувавме.

Костимите, дизајнирани од дизајнерот Николас Диамане, користеа симболика инспирирана од традиционални носии, женска сила и колективна меморија.

Црвените и белите тонови, делумно запалените текстури, плетенките и позлатените детали создадоа визуелна приказна што конечно кореспондираше со сцената, светлото и песната.

И токму тука лежи најголемиот проблем на овогодинешната Евровизија, многумина заборавија дека визуелниот спектакл не значи автоматски и добар сценски концепт.

Евровизија отсекогаш живеела од екстраваганцијата, но кога костимот почнува да се бори против песната, а сцената против изведувачот, шоуто престанува да биде уметност и станува визуелен шум.

Небојша Толески