Со текот на годините домот незабележливо се полни. Некои работи ги чуваме „за секој случај“, други затоа што ни се жал да ги фрлиме, а трети едноставно сме заборавиле дека ги имаме.
Но, во еден момент сфаќате дека не ви треба повеќе простор за складирање.
Облека што не сте ја облекле со години
Ако нешто стои во гардероберот две или три години и секогаш го прескокнувате, веројатно нема да стане омилено парче само затоа што ќе помине уште една сезона. Особено нема потреба да чувате облека која повеќе не ви прилега или едноставно повеќе не одговара на вашиот стил.
Садови што ги чувате „за гости“
Многу жени имаат посебни чаши, чинии и прибор што со години стојат недопрени, додека секојдневно ги користат истите неколку парчиња. Ако нешто ви е убаво, користете го. Домот не треба да биде место каде што најдобрите работи се чуваат за некоја неодредена „посебна прилика“.
Скршени и оштетени предмети
Онаа чаша со мала пукнатина, вазната без делче или предметот што постојано си велите дека „еден ден ќе го поправите“... Ако ваквите предмети стојат така со месеци или години, време е да се запрашате дали навистина ќе ви затребаат.
Подароци што никогаш не ви се допаднале
Подарокот бил даден со добра намера, но тоа не значи дека сте обврзани да го чувате засекогаш. Ако нешто не користите, не ви се допаѓа и само ви создава чувство на вина затоа што „некој ви го подарил“, можеби е време да се ослободите од него.
Козметика и производи што одамна не ги користите
Бањата често е едно од местата каде што се собираат најмногу непотребни работи. Стари производи, шминка која повеќе не ја користите, празни амбалажи и креми кои стојат со години немаат што да бараат таму. Оставете го само тоа што навистина го користите.
Кујнски апарати што само заземаат место
Колку често навистина го користите оној апарат што стои во задниот дел од кујнскиот шкаф? Ако нешто сте го користеле еднаш или двапати и потоа сте го заборавиле, можеби не ви треба.
Стари документи, упатства и кутии
Многу домови имаат фиоки полни со стари сметки, упатства за уреди што одамна ги немаат, празни кутии и документи кои повеќе не се потребни. Но, пред да фрлите нешто, секако проверете дали има правна, финансиска или друга важност.