Таа знаела дека истата публика која денес ја обожава, еден ден може да ѝ го сврти грбот и да ја заборави
Иако стана една од најголемите филмски и модни икони, славната актерка никогаш не тежнеела кон славата. Нејзините синови сега откриваат колку била скромна и што навистина мислела за сопствениот успех
Одри Хепберн со децении беше синоним за елеганција, убавина и женственост, но зад гламурозната слика на холивудската икона се криеше жена која никогаш не се доживувала себеси како нешто посебно.

Како што пренесува Пипл, нејзините синови Шон Хепберн Ферер и Лука Доти се присетиле на кариерата на својата мајка, нејзиниот однос кон славата и нејзината неверојатна скромност.
Никогаш не очекувала да стане голема филмска ѕвезда
Шон Хепберн Ферер открил дека неговата мајка всушност никогаш не очекувала дека ќе стане голема филмска ѕвезда. За време на Втората светска војна, нејзиниот сон да стане балерина бил сериозно загрозен, а како тинејџерка ги почувствувала гладот и стравот за време на нацистичката окупација на Холандија.

Според нејзините подоцнежни сведоштва, таа му помагала и на движењето на отпорот преку тајни балетски настапи со кои се собирале средства. По војната, се свртела кон актерството.
„Мислам дека никогаш не очекуваше дека ќе се случи на начинот на кој се случи“, раскажал Шон за Пипл.
Тој се присетил и на нејзините зборови дека не била професионална актерка, туку едноставно добила голема улога. Токму таквиот однос кон сопствениот успех, смета нејзиниот син, ѝ помогнал на Одри да остане приземјена.

Иако нејзината кариера експлодирала, таа била свесна дека популарноста може да се промени исто толку брзо како што дошла.
„Мислам дека никогаш не знаеше колку е посебна“
„Мислам дека никогаш не знаеше дека е толку посебна и затоа едноставно го даваше најдоброто од себе“, рекол Шон.
Според неговите зборови, Одри немала класична актерска техника каква што имале многу нејзини колеги, но токму тоа ѝ овозможувало пред камерата да делува природно и искрено.
Наместо целосно да се изгуби во ликот, во него често останувал дел од самата неа.
„Она што во повеќето случаи го гледате е Одри Хепберн во таа улога, а не методите со кои актерите би требало да се трансформираат во тие личности“, објаснил нејзиниот син, додавајќи дека нејзиниот пристап кон актерството бил спонтан и свеж.

Не станала актерка за да биде славна
Со неговото мислење се согласува и помладиот син на Одри, Лука Доти, кој верува дека неговата мајка едноставно поседувала природен актерски талент.
Според него, таа не започнала да се занимава со актерство за да стане славна.
„Не го доживуваше тоа како нешто што самата го изградила, туку како нешто што ѝ било подарено“, рекол Доти, зборувајќи за односот на Одри кон славата.
Таа знаела дека истата публика која денес ја обожава, еден ден може да ѝ го сврти грбот и да ја заборави.
Токму затоа, и покрај тоа што остави огромна трага во филмот, модата и хуманитарната работа, Одри Хепберн до крајот останала скромна.
Нејзините синови денес ја паметат како жена која можеби никогаш целосно не сфатила колку значела за светот.
И токму во тоа, се чини, била нејзината најголема посебност.